Низ страниците на македонската литература за деца: од книгата „Децата од моето училиште“ на Јадранка Клисарова

За време на големиот одмор девојчињата како пчелки се собраа на зелената тревичка, весело потскокнуваа, потпевнуваа и за време на паузата гризнуваа од убавите кифлички. Наставничката со внимателен поглед ги набљудува своите ученици, чувствува милина околу срцето, а и душата ѝ е исполнета. Таа ги сака како свои дечиња, со поглед ги пребројува, сите се тука, само Мила недостасува. Долго ја бараше со поглед, гледаше ту лево, ту десно, па во еден миг ја забележа како стои осамена. Тивко ѝ се приближи и ѝ рече:
– Мила, зошто не играш со девојчињата?
– Не ми се игра – одговори со тажен глас.
Наставничката ја погали по свилената косичка и ѝ ја понуди својата рака. Мила без збор ја подаде својата мала, нежна рака и во тишина дозволи наставничката да ја поведе кај другарчињата.
– Мила, придружи ни се во играта! – ја повикуваа тие.
– Денес не ми се игра, ви благодарам на поканата – рече Мила.
Остроумната Мелани ја преполови својата кифла и едниот дел ѝ го подаде на Мила.
– Повели, мојата кифла е многу голема, има доволно за двете. Ајде заедно ќе седнеме на најблиската клупа.

– Благодарам – срамежливо Мила ја прифати подадената кифла.
Откако ги изедоа своите парчиња од кифлата, им се придружија на другите девојчиња и се вклучија во веселата игра прескокнување на јаже. Мелани вешто го вртеше јажето, а Мила со другите девојчиња скокаше и весело се смееше. Наставничката стоеше од страна, ги гледаше своите ученици и задоволно се смешкаше затоа што убаво ги воспитала своите ученици. Да го негуваат другарството.
– Ти благодарам Мелани, утрово брзав и ја заборавив мојата ужинка на масата од кујната – низ насмевка рече Мила.
– За ова служат другарите, кога некој е во неволја да се помогне – задоволно одговори Мелани.
Наставничката стоеше во училишниот двор и со поглед го бараше и другиот дел од одделението, а тоа се нејзините момчиња – малите немирковци. Но тие не се далеку, трчаат по топката, ја шутираат, понекогаш се потскаруваат, но на крајот задоволни се враќаат во училницата.


За авторката

Јадранка Клисарова (59) е вработена како професорка по одделенска настава во ОУ „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено повеќе книги за деца и возрасни. Романот „Јато“ (2004), збирката раскази за деца „Ѕвездено јато“ (2009), сликовниците за деца „Новогодишен подарок“ и „Ѕвезда во ноќта“ (2009), романот за возрасни „Амајлија“ (2012), збирката „Децата од моето училиште“ (2015), книгите со раскази „Децата од моето училиште“ (2015), „Безбеден детски свет“ (2017), детскиот илустриран роман „Традицијата низ перото на баба“ (2018) и стихозбирката „Песни за секое дете“ (2019 г.).
Автор е и на учебници по македонски јазик за ученици кои следат настава на српски јазик во соседна Србија.
Како просветен работник несебично се залага за подем на образованието и на педагошката наука. Добитничка е на голем број награди, а во 2019 г. ја доби и титулата Најдобар наставник во земјите на некогашна Југославија. Во 2017 година Клисарова ја доби и наградата „13 Ноември“ во областа на образованието и воспитанието.