Драги деца, во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Бонтон за деца“ на познатиот македонски писател Наум Попески, кој исто така неколку години бил и уредник на нашето гласило за најмладите читатели. Бидејќи убавото воспитување се учи од мали нозе, се надеваме дека со овие едукативни текстови ќе ви
помогнеме да израснете во умни и внимателни момчиња и девојчиња

„Бонтон за деца“ од Наум Попески (11)

И навистина е така: другарството со пари не се купува! Оти, не е другар оној што само нешто бара од својот другар, а тој не му дава кога ќе побара.
Кога му е тешко, на другарот треба да му се помогне. Но, не е исто – помагање и давање. Оној што позајмил, треба и да врати. Сепак, најдобро е да се трудиш што помалку да позајмуваш. Ако може и никако. Ќе позајмиш денес, ќе позајмиш утре, а потоа тешко може да го вратиш позајменото. Затоа, се вели дека, долгот е лош другар. Еден ден, никој ништо нема ти дава. А ќе ги загубиш и другарите:

Дали е другар
кој ќе ми каже,
оној што сака
многу да лаже?
Дали е другар
тој што се кара,
не дава ништо –
а само бара?
Јас велам дека
тој другар не е,
за таков велат:
ветер го вее.