Заврши уште едно издание на детскиот фестивал „Ѕвездички“, 20-то по ред, кое донесе нови фестивалски хитови, кои ги исполнија 17 учесници. Најуспешна беше 13-годишната Драгана Јовановска од Куманово, која се претстави со композицијата „Тајните на љубовта“, чии автори се Кире Костов и Миодраг Врчаковски. Заслужено највисоката награда замина во рацете на ова талентирано девојче, кое досега има учествувано неколкупати на фестивалот и одлично се претстави на сцената на ЦК „Марко Цепенков“.
Не помалку успешни на сцената беа и другите учесници. Со први награди во своите категории се закитија Ева Кузман од Хрватска („Сончев повик“), Теодора Мицевска („Ритамот на среќата“), Кејт Хитај од Албанија („Ќе се вратиш“), Лара Цариќ од Хрватска („Супер херој“) и Марија Алинчанец („Сон“).
Шесте македонски претставници, Марија Талеска, Теодора Мицевска, Исидора Паровиќ, Драгана Јованоска, Јана Мрческа и Марија Алинчанец, ќе ја претставуваат Македонија на фестивали низ светот.
„Ѕвездички“ е вистински креатор на детската музичка сцена во Македонија. Годинава се одржа во услови на корона-криза, со многу малку публика, но сепак квалитетот го задржа.
Низ годините на фестивалот учествувале околу 3.000 учесници од целиот свет и ја претворија оваа детска манифестација во вистински македонски бренд.