Во ООУ „Никола Карев“ во Крушево

Во пресрет на Нова година и Божиќ, со лично залагање на директорот Милутин Станчиќ, Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на заедниците обезбеди новогодишни пакетчиња за 55 ученици од трето и четврто одделение што го изучуваат предметот Јазик и култура на Власите во ООУ „Никола Карев“ во Крушево.
Не изостана и вообичаената поддршка од градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски, од директорката на ООУ „Никола Карев“, Оливера Чавкароска, и од неуморните наставници по Јазик и култура на Власите, Ставре Шоќе и Надица Нане.
Во веселиот џагор на учениците, на кои мора да им се честита за строгото почитување на протоколите за безбедност, се слушнаа и неколку пригодни песни на влашки јазик од најмладите ученички: Талија Хасаноска, Љупче Велеска, Флоре Соколовска, Лара Јанеска и Анастасија Дуза.

Активноста е организирана во рамките на напорите што Управата редовно ги спроведува и поддржува во насока на промоција на јазичниот идентитет на сите помалобројни заедници во Македонија, а особено на Власите, кои во последните децении бележат намалување на активните говорители на влашкиот јазик, кој со векови опстојувал на просторот на Балканскиот Полуостров. Ова е мал придонес во напорите да се охрабрат најмладите припадници на оваа заедница да го негуваат, зборуваат и зачуваат од заборав јазикот на Питу Гули, на Ванѓу Дину, на браќата Манаки, Тоше Проески…
Во името на влашката заедница, советничката за унапредување на наставата на влашки јазик Марија Николова и голем број поединци упатија голема благодарност до директорот на Управата, кој ги обезбеди пакетчињата, а и до градоначалникот, директорката, наставниците и учениците за убавиот пречек.