Ние купуваме „Нова Македонија“ и „Колибри“ секој вторник. Не само што читаме туку сме активни и на различните конкурси за ликовно и литературно изразување. „Колибри“ е наша стара семејна љубов. Јас растев со овој единствен додаток во македонскиот дневен печат и таа љубов им ја пренесов на моите две ќерки. Ви го честитаме роденденот и ви посакуваме да продолжите така како што работевте и досега, вели мама Зорица Трајаноска

По одбележувањето на шеесет и вториот роденден на „Колибри“, минатата недела претставници на нашата редакција отпатуваа во Прилеп, во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“. Таму се сретнавме со сестричките Марија и Марта Трајаноски, кои учат во ова училиште, а нивните творби беа меѓу најдобрите избрани на креативниот повик што го распиша „Колибри“, „Цртаме и пишуваме во карантин“.
– Среќна сум што и мојот цртеж и мојот расказ се избрани за најдобри. Досега имам напишано неколку раскази, но ќе продолжам да пишувам и во иднина. Омилен предмет на училиште сепак ми е Ликовно – ни рече четвртоодделенката Марија, која наесен ќе биде петто одделение кај наставничката Розе Зазоска.
Нејзината помала сестричка Марта исто така многу вешто знае да се изрази креативно, па, така, на нашиот конкурс нејзиниот цртеж беше избран и награден.
– Многу сакам да цртам и бидејќи периодов не одевме на училиште имав многу време за цртање. Јас покрај Ликовно многу го сакам и предметот Математика – ни рече првоодделенката Марта, која учи кај наставничката Ирена Адамческа.

Покрај тоа што се развива креативноста во семејството на Марија и Марта Трајаноски, таму и многу се чита и токму затоа беа радосни за книгите од издавачот „Македоника литера“, кои им ги подари нашата Редакција. Но дознавме и дека двете сестрички секој вторник читаат „Колибри“. Тоа е нешто што со години и со генерации се негува во нивното семејство. За таа љубов кон нашиот додаток повеќе ни раскажа нивната мајка Зорица Трајаноска.

– Ние купуваме „Нова Македонија“ и „Колибри“ секој вторник. Не само што читаме туку сме активни и на различните конкурси за ликовно и литературно изразување. „Колибри“ е наша стара семејна љубов. Јас растев со овој единствен додаток во македонскиот дневен печат и таа љубов им ја пренесов на моите две ќерки. Ви го честитаме роденденот и ви посакуваме да продолжите така како што работевте и досега – ни рече мама Зорица.
Инаку, таа е наставничка по англиски јазик во основното училиште „Климент Охридски“ во Прилеп.
По кратката дружба, реализирана според протоколот што се наложува поради вонредната ситуација, Марија и Марта со мајка им си отидоа дома, а директорката на училиштето г-ѓа Кети Стевананџија нѐ испрати со благодарност за убавата и долгогодишна соработка што ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ ја има со „Колибри“ и со „Нова Македонија“.