На 19-то издание на „Јуниорскиот евросонг 2021“, Македонија ќе ја претставуваат група деца од мегапопуларниот детски телевизиски серијал „Дајте музика“. Оваа година, јавниот радиодифузен сервис Македонска радио-телевизија реши да го искористи правото на интерна селекција и избор на претстaвник на оваа престижна манифестација, во согласност со актуелната состојба од пандемијата на ковид-19 и воведувањето на новите заштитни мерки и протоколи.
„Дајте музика“ е копродукциски проект на МРТ, кој е еден од најпопуларните и најгледани телевизиски програми за деца кај нас. Во него, главни протагонисти се токму групата мошне талентирани актери и пејачи, кои за кратко време станаа идоли на новата генерација. Со продукција на повеќе од 80 песни, на кои веќе три години работат некои од најпознатите македонски композитори, со издадени два албума (цедиња), милионски прегледи на музичките платформи на нивните нови детски хитови, проектот „Дајте музика“ се вбројува во една од најуспешните музичко-забавни детски програми, која ги освои симпатиите на публиката.
Песната со која ќе се претстави нашата земја ќе биде избрана и промовирана во следните неколку месеци. На неа ќе работат композитори што веќе соработуваат во проектот и добро ги познаваат вокалните и артистичните капацитети на децата од шоуто – велат од МРТ.
За потсетување, оваа година, 19-то издание на јуниорскиот избор за „Песна на Евровизија“ ќе се одржи на 19 декември во Париз, по победата што Валентина ѝ ја донесе на Франција. Францускиот национален сервис како домаќин и ЕБУ ветуваат одлична програма, секако, со директен пренос на програмите на Македонската радио-телевизија.