Од бележникот на Цвета Спасикова

Цвета Спасикова е современа македонска авторка од Штип. Со пишување започнува уште од раната возраст, објавувајќи во списанијата „Наш свет“, „Колибри“, „Чекорче“ и „Росица“. Сега е дописничка за весникот „Пензионер плус“.
Поезијата ѝ е преведена на српски и на грчки јазик, а добитничка е на неколку награди и признанија.

Според литературните критичари, нејзината поезија изобилува со емотивни слики и размисли, едноставни животни филозофии, патриотски чувства, љубовен занес, но и со хумор и алегорија, детска едноставност и оригинална фантазија.
Детските песнички на Спасикова најмладите читатели лесно ги учат и со нив растат и уживаат во најубавата животна доба. Авторката вели дека токму затоа овие стихови и рими живеат низ времето.

Авторката ги објавила книгите поезија за возрасни: „Бранувања и виделина“, „Светилник во времето“, „Здивот на Брегалница“, „Химена и Македониум“, книгата со драмски текстови за млади „Едночинки“, мелодрамата „Ноќ спроти Богородица“, „Приказни и умотворби од дедовото огниште“, „Раскази под Исарот и вон“; книгите поезија за деца „Сонот на розата“, „Миленичиња“, „Бисерен ѕвон“ и „Песна во гнездото“; како и романот за возрасни „Ирис на фортуната“.
Во овој број на „Колибри“ ви претставуваме неколку песнички од книгата поезија за деца „Песна во гнездото“ од Цвета Спасикова. Ф.Д.


Снегулки

Снегулки се ронат,
паѓаат, се гонат
по носиња црвени,
по елките зелени.

На месечината сребрена
се точи свила срмена
ним им се радува
и малечката Ева.

Паѓај, паѓај бело снеже
по ливада и по бреже,
санката ја стегам
низ удолница да летам.


Новогодишна желба

За Нова година
песната да лета
во секој дом
среќата да цвета.

Го чекаме и ние
Дедо Мраз да дојде
секоја желба
од рака да ни појде.

Кукли, камиони,
може и бонбони
за елката наша
многу лампиони.