Издателството „Антолог“ неодамна ја издаде книгата „Дете – тоа гордо звучи“, избор од поетското творештво на Блаже Конески. Насловот всушност е позајмен од стих од негова песна. Творбите се избрани од десетина поетски збирки на овој голем македонски писател, како и од збирката прозни записи „Дневник по многу години“.

Преку оваа книга се отвораат нови можности и видици за учениците од основните училишта видливо и читливо да се уверат во сестраната насоченост на неговиот креативен дух. Истовремено, надлежните институции ќе имаат можност да ја увидат потребата од прогласување дел од творештвото на овој наш неповторлив книжевен и јазичен родоначалник за дел од задолжителната лектира во основните училишта.