Коњаниците што ќе учествуваат на 43-от традиционален коњички марш оваа година, по повод националниот празник Илинден, ги прават последните подготовки покрај кејот на реката Вардар.
На маршот што го организира здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“ ќе учествуваат 20 коњаници од различна возраст, меѓу кои и две девојчиња.
Тие ќе тргнат кон Крушево денеска, од паркот „Јане Сандански“, во 17.30 часот. Потоа со дефиле низ главните булевари во Аеродром ќе се упатат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, каде што ќе се одржи народен собир проследен со културно-уметничка програма со настап на музичките групи „Некст тајм“ и триото „Џентлмен“ и каде што поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан ќе им даде благослов за маршот.
Општина Аеродром финансиски го поддржува коњичкиот марш повеќе години и ќе продолжи и во иднина да ја негува традицијата, бидејќи Илинденскиот марш е една од најголемите и најзначајни културни манифестации во Аеродром.