ЗАКОНИК БР. 2: /Ексклузивно во „Колибри“ песни од сѐ уште необјавената книга за деца „Малечката принцеза“ на писателот Ефтим Клетников

Тој што некогаш тебе те родил
не го заборавај, туку памти.
Спотнувај го во тебе да пламти,
и со него споменот го сроди.

За човекот, ѕверовите диви,
за растенија, инсекти исто
важи овој закон. Сè е чисто
тука, нема нешта невидливи.

Може да земеме пример ние
од реката знаци што ни праќа,
која штом ожедни пак се враќа
ведра на изворот свој да пие.

Нека сè во споменот се всели
како прстен венчален и вечен,
сè да трае како празник свечен.
Така Малечката Принцеза вели.


Современи дидактички пораки

На страниците на „Колибри“ во неколку наврати објавивме неколку песни од сѐ уште необјавената книга за деца „Малечката принцеза“ на писателот Ефтим Клетников, која треба да ја издаде издавачката куќа „Арс ламина“ до крајот на годината.
И во наредните броеви ќе објавиме циклус песни од ова дело, под наслов „Законикот на малечката принцеза“, кој на некој начин е педагошки мотивиран за млади, но и за оние повозрасните.
Тука не станува збор за класично дидактичко клише, туку за една модерна и универзална етичка варијанта на сфаќање и однос кон нештата. Има тука и некои полемички тонови во таа смисла со застареното дидактичко клише, кое повеќе ја ограничува отколку што ја проширува етичката свест кај децата. Мислам, пред сè, на „Штурецот и мравката“, познатата басна на Лафонтен, класичен пример за таквото клише, во која авторот застанува на страната на мравката како работлива, а го напаѓа и клевети штурецот како мрзелив, жител на уметноста (музиката) од која нема фајде човекот, бидејќи не произведува, според него, опипливи корисни нешта – објаснува авторот.
Ефтим Клетников е автор на книгите за деца: „Кула со златно ѕвоно“, „Златна рипка“, „Море во сонот“, „88 песни за месечината“ и „Сончеви песни“.