Во организација на Домот на културата во Македонски Брод, по повод големиот верски празник Велигден, во овој град се одржа традиционалната манифестација „Најубаво велигденско јајце“ за основците од училиштата од општината Македонски Брод. Така, за оваа година за најубаво беше прогласено велигденското јајце на второодделенецот Даниел Цветкоски од ООУ „Свети Климент Охридски“.

– Пресреќен сум што велигденското јајце што јас го изработив за годинашниот голем верски празник е прогласено за најубаво, и тоа уште повеќе ме прави среќен и со голема радост да го поминам овој верски празник. Идејата беше моја и, во најголем дел, она што го замислив го пренесов на победничкото јајце. Се надевам дека и наредните години ќе бидам успешен како годинава, на оваа преубава традиционална манифестација – истакна победникот на натпреварот за најубаво велигденско јајце во Македонски Брод.