Моливот е предмет што остава тенка видлива трага на графит зад себе, кога со него се црта или пишува на некоја подлога, а најчесто тоа е хартија. Моливот е дел од приборот за пишување и цртање.
Кога ќе се каже молив, обично се мисли на оној направен од дрво, чиј средиштен дел е тенко вертикално парче графит. Графитот што се наоѓа во моливот се нарекува мина, срце или шпиц на моливот. По извесно време, шпицот отапува и се троши, па затоа е потребно моливот да се остри, со специјален предмет – острилка за моливи. Со процесот на пишување и острење, моливот се скратува.
Трагата на обичниот молив е црна, поради црната боја на графитот, а кога во него се додаваат разни пигменти, таквите моливи се нарекуваат дрвени боички, а се користат за цртање. Трагата на моливот лесно се брише со гумичка.