Пингвините се жители на антарктичкиот континент, на недогледните ледени површини на Јужниот Пол и на островот Галапагос, ги има стотици илјади

Низ страниците на македонската литература за деца: „Дарко во зоо-паркот“ на Киро Донев

Леле, колку малку ние луѓето сме знаеле за некои животни или птици. Особено
за оние што живеат подалеку од нас, на некој друг континент!
Ете, утрово на пример, во зоо-паркот се запознав со еден фин „господин“ со црн фрак!
Да, се запознав – со Пингвинот, кој со својата појава повеќе личи на некој отмен „човек“, отколку на морска птица.
Навистина, тој не може да порасне повеќе од еден метар, да биде потежок од триесетина килограми, или да доживее старост повеќе од дваесет години, но со право во светот на птиците, поради облеката и изгледот, е наречен господин со црн фрак.
Кога го видов онака елегантен, гордо исправен врз карпата среде малото езерце во зоо-паркот, побрзав да го поздравам:

– Добро утро, господине. Како сте?
– Не „господине“, ами Ваше Величество! – ме исправи тој. – Јас сум Кралски Пингвин и не дозволувам да ми се обраќате како да сум обичен – Хомболтов или Пагонски Пингвин.
– Кралски Пингвин, а без круна? – му забележав сега јас.
– Во семејството на пингвините, само крунскиот има круна на главата. Но што му вреди таа, кога половина метар е помал од мене, полесен е и повеќе личи на домашна пајка, отколку на нашиот отмен сој!

– Навистина и без круна си убав, само уште да можеш да леташ – реков.
– Кога сум под вода, минувам десет метри во една секунда. Што е тоа, ако не е летање? Пливам побрзо од многу риби. Тоа ми е единствениот спас од мојот најголем непријател – Морскиот Лав. А знаеш ли дека кога сум под водата, можам да скокнам во височина и до два метра?
– И тоа не сум го знаел! – признав.
– А што друго знаеш за мене? – ме праша сега тој.
– Па… тоа дека се храниш со риби, ракови и разни мекотелци што ги наоѓаш во водата или на копното, дека си, речиси, секогаш гладен, но и дека подолго време можеш да издржиш без храна….
– А од каде сум донесен овде, знаеш ли?
– И тоа не го знам – пак морав да се срамам поради моето незнаење.
– И тоа и уште многу нешта не знаеш. Туку, ајде да ти кажам, а ти да запомниш! Ние пингвините сме жители на антарктичкиот континент, на недогледните ледени површини на Јужниот Пол и на островот Галапагос, нѐ има стотици илјади.
– Тоа значи дека многу бргу се размножувате – го прекинав.
– Напротив, секоја пингвинка снесува по едно, најмногу две јајца. И не се размножува исто како птиците. Кога ќе дојде времето за тоа, излегуваме од морето и на копното ископуваме малечка дупка, ја заградуваме со камчиња, потоа пингвинката снесува едно јајце и грижливо лежи врз него. По неколку недели, малото се испилува. За да порасне што побргу, мораме на смени да му носиме што почесто и што повеќе храна. А потоа….

– Потоа се знае – реков. – Само мора да се грижи за себе, нели?
– Е, баш не е така! – ме изненади уште еднаш Пингвинот. – Сѐ дури не пораснат, малите пингвинчиња живеат во колонија и за нив секој ден се грижат оние стари пингвини што немаат семејни грижи и други проблеми. Дури по неколку месеци ја напуштаат колонијата и сами се пробиваат во животот. Ете, сега можеш да тврдиш дека знаеш речиси сѐ за мене! – заврши господинот во црн фрак и, без да се поздрави, се нурна во водата и за миг – исчезна.