На Државниот шампионат во Кавадарци

На минатонеделниот Државен шампионат во карате што се одржа во Кавадарци и на кој учествуваа натпреварувачи од сите клубови во земјава, младите каратисти од клубот Ускана од Кичево, завршија со грст медали.
Кичевските каратисти, предводени од Анастасија Мингоска, Блерина Зендели, Јана Спасеноска, Бленд Махмуди, Тамара Ѓурчиноска, Нуредин Дервиши и Даријан Ристоски, освоија седум први места и две трети места и се вброија во редот на најуспешни клубови на овој шампионат.

Освојувачите на едно од првите три места на шампионатот обезбедија место во селекцијата на Македонија за Балканското првенство, кое ќе се одржи од 31 мај до 6 јуни во Бања Лука во БиХ.

– Во категоријата кати индивидуално женски 2006, златниот медал ѝ припадна на нашата Анастасија Мингоска. Ист резултат има и Блерина Зендели за женски родени во 2009 година. Таа го освои и првото место во кумите во категорија до 30 килограми. Јана Спасеноска во кати индивидуално беше најдобра за женски родени во 2007 година, додека Нуредин Дервиши во кати индивидуално за машки родени во 2008 година се искачи највисоко на пиедесталот. Во кумите во категорија до 54 килограми, Тамара Ѓурчиноска стана шампион на Македонија, додека триото во состав Јана Спасеноска, Анастасија Мингоска и Тамара Ѓурчиноска го освои првото место во кати за женски родени во 2006 и 2007 година. Со трети места во кати од овој шампионат се вратија Тамара Ѓурчиноска и Бленд Махмуди – истакна еден од двајцата тренери на КК Ускана, Неџби Дервиши.