Годинашниот концерт во чест на познатиот македонски пејач, композитор, инструменталист и музички педагог, Јанко Узунов, насловен „’Узун‘ за Узун“ ќе се одржи, на денот на неговиот роденден 15 февруари во салата на хуманитарниот дом „Даре Џамбаз“ во Скопје, со почеток во 16 часот.
Оваа традиционална манифестација ја организира музичкото училиште „Узун“ во соработка со Црвениот крст на градот Скопје и, освен музичка, носи и хумана порака, а средствата што ќе бидат собрани ќе бидат донирани на пунктот за бездомници при Црвениот крст.

– Во програмата, освен младите гитаристи од нашето музичко училиште, ќе учествуваат и гостите од родното место на Јанко, од Валандово, неговите и наши пријатели и колеги: Влатко Вучков и маестро Ристе Тушевски, балкански познатиот тапанар Ѓорѓи Лазаров-Џанго, потоа ќе настапат и познатиот кантавтор Ванчо Тарабунов, младите Кристијан Демјански и Мими Јовановска како и пријателите од нашите досегашни концерти: новинарката Валентина Ѓоргиевска и фолк-пејачот Горан Симевски, беровчанец што растеше со нашата музика. Сеќавање на Јанко ќе споделат и музикологот Костадин Костадиновски и водителката на Македонска телевизија, Катерина Стојановска Десковска – најавува Жаклина Узунова, сопругата и музичка партнерка на легендата.

На концертот ќе бидат изведени дела на Јанко Узуновски, но и од други автори, а ќе им бидат доделени и дипломи на двајца успешни гитаристи од школата, Александра Станкоска и Михаил Мирчевски.
Она што му даде посебен белег на неговото дело, во последните децении од животот, беше посветената педагошка работа со младите музички таленти во училиштето „Узун“, кое по заминување на легендата ја продолжуваа традицијата на организирање концерти.