Средното училиште ДУЦОР „Партенија Зографски“ се наоѓа помеѓу фреквентната улица Благоја Стефковски и булеварот Александар Македонски, кој продолжува кон автопатот А-75 и ги спојува двата дела од градот Скопје.
Учениците во ова и другите околни училишта често не можат безбедно да ја поминат улицата и нивната безбедност е загрозена, за што сведочат и минати сообраќајни незгоди. Проблемот е поради недоволната сообраќајна сигнализација на булеварот и на улицата. На двата пешачки премини околу училиштето нема доволно сигнализација (знак, семафор, лежечки полицаец), ниту пак надвозен премин. Никаде не е означено дека во близината се наоѓа училиште, каде што учат ученици со оштетен слух и говор, кои не можат да ги чујат сирените на возилата.
Овие ученици се обраќаат со барање до институциите да се подобри сигнализацијата на булеварот и на улицата за да се зголеми свесноста на возачите за учениците што учат во близината и да се обезбедат безбедни премини, за движење на учениците без загрозување на нивните животи и сообраќајот.

За да ги привлечат вниманието, тие изработија и видео со сведоштва и пораки. Испратено е барање до Град Скопје за итно решавање на овој проблем, кој е од исклучителна важност за глувите и наглувите ученици од ДУЦОР „Партенија Зографски“.
Во последните пет години на овие улици имало повеќе незгоди, на улицата Благоја Стефковски имало 113 незгоди со телесни повреди, девет со тешки телесни повреди и едно лице трагично го загубило животот. На булеварот Александар Македонски, пак, имало 240 незгоди со телесни повреди, 26 со тешки телесни повреди и шест лица трагично го загубиле животот. Иако овие податоци се однесуваат на целиот потег на улиците, не само околу училиштето, сепак го покажуваат ризикот за учениците во сообраќајот. Видеото е изработено во рамките на младинска акција на членовите на Клубот за демократско учество при ДУЦОР „Партенија Зографски“, спроведуван од страна на Младинскиот образовен форум, со поддршка од Фондацијата за демократија на Вестминстер и британската влада.