Кога работев во Дополнителното македонско училиште во Германија, во 1991 година, македонските клубови често организираа протести во разни градови за признавање на државноста на Република Македонија. На тие протести учествував и јас, понекогаш и со своите ученици. На еден протест во Брисел мои ученици носеа транспарент на кој пишуваше: „Македонија постоела пред 2.400 години – Жан Волф“. Наеднаш пред учениците излезе еден човек и им викна: „Јас сум Жан Волф“. На радоста ѝ немаше крај. Тие и до денес не ја забораваат средбата со познатиот белгиски научник и историчар, се сеќава Нада Алексоска

По повод Денот на учителот разговаравме со Нада и со Веле Алексоски, сопружници и колеги

Вчера го прославивме 5 октомври – Денот на учителот. А како што рекол големиот државник и реформатор Мустафа Кемал Ататурк, добриот учител е како свеќа, се троши самиот себе за да им го осветли патот на другите. Со токму такви посветени педагози и вистински заштитници и воспитувачи на децата разговаравме за да го одбележиме овој важен датум. Наши соговорници се сопружниците Нада и Веле Алексоски, учители од Велес.

Кој беше пресудниот фактор да се определите за учителската дејност и да ѝ останете верни на професијата целиот работен век, постојано надградувајќи се?
Нада: Јас како ученичка постојано бев ангажирана во рецитаторската и драмската секција, читав многу книги, одев на екскурзии, летувања со ученици. Можеби токму тие прекрасни моменти ме натераа да им се посветам на децата во училиштата.
Веле: Уште од основно училиште бев воодушевен од моите учители и наставници. Кај мене тлееше мислата да станам едукатор и да образовам помлади од мене, да бидам ислушан и почитуван како јас што ги почитував моите учители и професори.
Госпоѓа Нада е професорка по македонски јазик, писателка и лекторка, а господин Веле е професор по француски јазик, доктор по историски науки, писател и уредник.

Дали можеби вашите наставници беа мотив да трагате по знаењето и да учите цел живот?
Нада: Секако, тие ми беа мотивација и јас да се обидам да научам нешто повеќе и тоа да им го пренесам на моите ученици.
Веле: Да. Благодарение на моите професори јас неколку децении поминав во самонадградување и усовршување. Работејќи со учениците ги завршив и докторските студии.

Велат дека добрите учители се паметат цел живот, па се сеќавате ли на вашите омилени наставници? Што научивте од нив?
Нада: Секако. Тука се од основно Македонка Јанчева, поетеса позната со своите дела, која беше инспирација и „причина“ за моите рецитирања, потоа Живко Андреевски, па Круме Кепески, Блаже Конески, мои професори од факултет.
Веле: Од сите мои учители, наставници научив многу нешта и од нив „купував“ покрај знаење и етика, како и цивилизациски вредности. Мојот учител од основно образование, проф. Наум Димовски, ми влеа љубов кон историјата, раскажувајќи ни настани и доживувања од неговиот вујко Никола Карев. Мојот професор по француски јазик, Љупчо Аџимитрески, првоборец и душа од човек, ми влеа љубов кон јазиците. Тој беше полиглот и врвен економист – декан на Економскиот факултет во Прилеп. Од докторските студии тоа е Франц Беранже.

Ги учевте ли вашите ученици на таканаречените животни лекции? Ќе издвоите ли некоја впечатлива анегдота доживеана со нив?
Нада: Пред сѐ, со моите ученици јас бев тука и во добро и во лошо. Знаев да ги пофалам, утешам, да другарувам со нив, да ги насочувам кон убави нешта. Би издвоила еден случај од мојата работа со учениците кога работев во Дополнителното македонско училиште во Германија. Во 1991 година македонските клубови често организираа протести во разни градови за признавање на државноста на Република Македонија. На тие протести учествував и јас, понекогаш и со своите ученици. На еден протест во Брисел мои ученици носеа транспарент на кој пишуваше: „Македонија постоела пред 2.400 години – Жан Волф“. Наеднаш пред учениците излезе еден човек и им викна: „Јас сум Жан Волф“. На радоста ѝ немаше крај. Тие и до денес не ја забораваат средбата со познатиот белгиски научник и историчар.

Веле: Настојував да бидат добри патриоти, да си ја сакаат Македонија, да си го сакаат својот народ, но и сите луѓе, бидејќи сите сме еден род. За сеќавањата на моите ученици треба да напишам роман. Најмногу ги паметам најдобрите, но и најтемпераментните. Првите ги наградував, а вторите ги опоменував. Мислам дека и денес еднакво ме почитуваат сите, но најмногу оние од слободните активности – спортување, екскурзии, приредби и шеги до бескрај!

Како изгледаат средбите со вашите поранешни ученици?
Нада: Многу пријатни. Сега имам и ученици колеги по професија и перо. Се дружиме и понатаму на разни манифестации. Од нив се изродија многу поети, а да не зборувам за други занимања.

Веле: На нашите средби има обострана радост. Повеќето ученици (сега пред пензија) ги препознавам, особено оние што сум ги учел во помладите мои години. Има смеа спомнувајќи си за разни анегдоти, повеќето исполнети со шеги и досетки. За жал, некои „остареле“, односно станале возрасни и сериозни бизнисмени, колеги, лидери на некои асоцијации…

Вие учите и воспитувате и надвор од училиштето, преку вашите литературни дела, литературни средби, предавања, хуманитарна работа, активен пензионерски живот… Едноставно учите преку вашиот начин на живеење. Успева ли учителот како што ги воспитува своите ученици да ги воспита и своите синови и ќерки, внуци, правнуци…?
Нада: Се надевам. И моите ќерки, како мене, се упорни во работата, сакаат да го завршат она што го започнале, да помогнат каде што треба. Малку на смеа моите внуци ќе ми речат: „Абе, бабо, бабо, кој може како тебе…“

Веле: И во оваа трета животна доба, како пензионер, јас работам, не за да заработам, туку да ги зачувам моето ментално и физичко здравје. Кога ќе се разбудам, веќе ми е направена преокупација на денот. Претседател сум на Здружението на пензионерите од Велес, а „специјалист“ сум за организирање едукативни, рекреативни екскурзии. Повеќето од колегите пензионери се помлади и се чувствуваат како ученичиња додека им држам „часови во природа“. Им читам дел од моите научни опуси, а моите внучиња, за жал, повеќето надвор од Македонија, секоја средба со мене ја доживуваат како гледање и слушање хумористична драма, а разделбата како полутрагедија, бидејќи им ја пеам онаа „Жал за младоста – жал за Македонија“.

Воспитно-образовниот процес денес е различен од порано. Што ќе им препорачате на помладите колеги? Кои се основните принципи за да се биде добар учител?
Нада: За да се биде добар учител, пред сѐ, треба труд да се наведат учениците да го засакаат предметот што го предаваш. Да бидеш правичен во оценувањето, а пред сѐ другар кога ќе затреба и да не се занемарува учењето. Сега во образованието им забележувам на колегите што сите ученици ги направија одлични, а обесправени се оние што го заслужиле тоа, а со тоа добиваат нелојална конкуренција при запишување во средно училиште или на факултет. Треба не само наставникот, туку и секој човек да биде правичен.

Веле: Најефикасна и најуспешна е интерактивната настава – кога едукаторот е пред учениците или студентите. Им препорачувам на моите млади колеги да другаруваат со учениците. Во училницата сите се еднакви, а предава само првиот меѓу еднаквите. За сите важи паролата: слобода, еднаквост, братство!