Кинотеката ја почна втората сезона на едукативниот проект „Филмска училница“, кој се состои од различни едукативни содржини, тематски групирани во десет сесии.
Како и минатата година, десетина ученици од средните училишта преку интерактивно креативно учење ќе се запознаат со националното аудиовизуелно културно наследство, ќе имаат можност да гледаат филмови од архивот на Кинотеката, ќе учат како да размислуваат за едно филмско дело, ќе добијат основни познавања од филмската историја и од филмскиот јазик и да креираат кратки филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија. Тие ќе се запознаат и со работата на Кинотеката, со различните дејности, како реставрација, дигитализација, филмско архивирање, филмска есеистика и критика, киноприкажување.
– За годинашната сезона, „Филмската училница“ планира и почеток на нов проект – „Филмска училница за наставници и професори“, па една од сесиите ќе им биде посветена ним. Планирана е и заедничка сесија на „Филмската училница“ со учениците и професорите, во која филмот ќе биде разгледуван како уметност и како алатка во реализирањето на наставните содржини – информираат од Кинотеката.
Проектот ќе се одвива секоја сабота во Кинотеката и ќе трае десет недели, а се реализира под водство на филмската и ТВ-режисерка Марија Џиџева.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.