Цели на кампањата и пораки што од „Меѓаши“ сакаат да ги упатат се: препознавање, навремено и адекватно реагирање на различни случаи на врсничко насилство и здружено градење средини што нема да бидат толерантни и ќе реагираат на овие појави

Што е врсничко насилство? Од каде потекнува и кого го засега? Кој е кругот на меѓуврсничкото насилство? Кои се улогите на учесниците во чин на насилство? Како да го искорениме? Кој е одговорен? Како да создадеме училишта без насилство? Кои се превентивните чекори што во училиштата може да се преземат, а кои во случаи кога има инцидент на насилство?
На овие прашања ќе се обиде да одговори кампањата против врсничко насилство, што ќе се реализира во некои од основните и од средните училишта во земјава, со дозвола на Министерството за образование.

– Нашата цел е да предупредиме за сериозноста на врсничкото насилство. Свесноста дека постои насилство и неговото препознавање е само прв чекор во справувањето со овој проблем. Сакаме долгорочни и адекватни стратегии што градат училишта (и општество) нетолерантни на насилство. Меѓуврсничко насилство вклучува широка палета однесувања што се повторуваат помеѓу врсниците со намера да се навреди/повреди другиот (давање прекари, навредливи коментари, крадење или уништување своина, графити, озборување, потсмевање, изолација, физичко насилство, сајбер-насилство итн.) – велат од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Кампањата почна на 21 септември – Меѓународниот ден на мирот, а ќе се одвива и ќе се развива во текот на целата учебна година на национално ниво под слоганот „И зборовите повредуваат“, а за училиштата под слоганот ,,Булинг? НЕ во моето училиште!“.

Кампањата против врсничкото насилство ќе добие зголемена јавна видливост преку поставување билборди и постери во повеќе градови во земјава (Велес, Скопје, Дебар, Гостивар, Виница итн.). Краток видеоклип ќе се објавува на социјалните мрежи, телевизиите, радиостаниците, а ќе се дистрибуираат и материјали за учениците од вклучените училишта во програмата за Мировно образование при детската амбасада „Меѓаши“ (пенкала, тетратки, беџеви, летоци, постери, маици, налепници итн.) со содржини што го промовираат ненасилството и поттикнуваат подобро меѓусебно разбирање. Некои од промотивните материјали се објавени и на албански и на турски јазик, а во текот на учебната година ќе бидат објавени и на јазиците на другите етнички заедници.

– Исто така, во рамките на кампањата преку целата учебна година ќе бидат одржани серија обуки за наставните кадри на темата ,,Врсничко насилство“ и како да се превенира и работи на намалување на врсничкото насилство и последиците од истото тоа. Во рамките на училиштата ќе се одржат серија активности, работилници, форум-театри, танц-театри, дискусии на темата ,,Врсничко насилство“, а исто така ќе биде објавен и прирачник за наставниците – известуваат организаторите на кампањата.
Цели на кампањата и пораки што од „Меѓаши“ сакаат да ги упатат се: препознавање, навремено и адекватно реагирање на различни случаи на врсничко насилство и здружено градење средини што нема да бидат толерантни кон врсничкото насилство и кои ќе реагираат на овие појави, наедно и превентивно дејствување, но и итно реагирање кога насилството се случува.

– Наши целни групи се сите што на каков било начин може да придонесат за справувањето со врсничкото насилство на повеќе нивоа и начини и секој ангажман е добредојден. Наставниците, родителите, старателите и сите што работат со деца да ги учат децата како да ги идентификуваат формите на врсничко насилство (и доколку се жртви и доколку се сведоци), и на кој начин безбедно да реагираат и да се заземат за себе или за некој/а друг/а. Училиштата, наставниците и сите вработени може да помогнат да се спречи врсничко насилство преку воспоставување и спроведување правила и политики, кои јасно опишуваат како се очекува учениците да се однесуваат едни со други, да поттикнуваат ненасилна разработка на конфликти итн. Родителите, вработените во училиштата, политичарите и сите други возрасни лица во заедницата можат да им помогнат на децата да го спречат насилството со тоа што ќе зборуваат за тоа, ќе се вклучат во градењето безбедни училишни средини, ќе размислуваат за стратегии за превенција на врсничко насилство и на локално и на национално ниво – велат од „Меѓаши“.

Досега за кампањата свои активности најавија многу училишта, меѓу кои само од Скопје се: СУГС „Никола Карев“, СУ „Зеф Љуш Марку“, ОУ „Брака Рамиз и Хамид“, ,,Јан Амос Коменски“, ДСУРО „Св. Наум Охридски“, Ј.У. Завод за рехабилитација на деца и младинци, СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, ООУ „Аврам Писевски“, ОУ „Петар Здравковски Пенко“, ООУ „Братство“, ООУ „Лазо Трпоски“, ООУ „Вера Циривири-Трена“, ОУ „Владо Тасевски“, како и од другите градови на пр. СУ „Кочо Рацин“ – Велес, СУ „Гостивар“ – Гостивар, ДСУ „Искра“- Штип и други.

Сите заинтересирани за изведување некоја активност или вклучување во кампањата се повеќе од добредојдени, а контактот можат да го остварат преку веб-адресата: [email protected].