Во семејството се вложуваат големи надежи, но тоа има навистина големи задачи. Семејството треба секому од неговите членови да му овозможи добро живеење, стабилни односи, чисти емоции, остварување на визиите и намерите. Тоа зема малку, бара само почитување меѓу неговите членови и следење на едноставните морални норми – внимание, пристојност, грижа, заинтересираност.

За возврат дава многу, здружените сили го постигнуваат она што човек не може да го стори сам. Семејството е остров во разбранетото море на животот. Држејќи се заедно, знаејќи дека се еден покрај друг, членовите имаат сила да ги издржат сите бури. Кога семејството е добро и успешно, тоа е најголемата среќа што човек може да ја доживее.

Во семејството се негува најубавото човеково чувство – љубовта. „Семејството е татковина на љубовта“, така пишува големиот италијански писател Џузепе Мацини. Во семејните односи има интимност, договарање и заедничко планирање. Сѐ се гради со доверба.

Во рамките на семејството човек си наоѓа спокојство и спас. Во семејството се раѓаат деца и тие тука најдобро се одгледуваат и воспитуваат. И имотот вистински опстојува како семејна основа и богатство. Човекот најмногу се труди во полза на семејството.

Семејната љубов најдобро предизвикува благородни чувства кај човекот. Таа дава поткрепа и го насочува човекот кон вистинскиот пат. Кога постои семејна љубов, тогаш човекот не е сам, животот му е помил и поисполнет. Кога има љубов во семејството, меѓу мажот и жената и меѓу родителите и децата, тогаш е остварена големата замисла – човекот да создаде свет за себе, според своја мера, свет во кој ја достигнал најубавата смисла на љубовта и најздравата цел на животните настојувања.


Етичка мисла:

И најбедниот живот
со своето семејство
е повреден од изобилство во самотија.

Виетнамска поговорка