Најстарото основно училиште во Општина Кичево, ОУ „Санде Штерјоски“, го одбележи патрониот празник или денот на училиштето. Поради пандемијата на коронавирусот, во училиштето немаше класично одбележување со богата културно-уметничка програма, единствено на учениците, нивните родители и колегите честитка им упати директорот Јонуз Пињоли.
– Годинава денот на училиштето го одбележуваме поинаку, за разлика од претходните години кога заедно со вас го прославувавме овој ден. Основно за нас како училиште е квалитетот на наставата, а ученикот е секогаш во центарот на вниманието, кој треба да му даде приоритет на учењето и што повеќе да се обиде да ги избегнува социјалните мрежи, нашиот ум треба да се храни и тој добива знаење, се надградува и сета надградба ни доаѓа од книгата – истакна директорот Јонуз Пињоли.
Тој дополни дека во текот на оваа година во однос на инфраструктурата се извршени големи промени и, благодарение на залагањата на Општината и на градоначалникот Дехари, училиштето доби поинаков и поубав изглед.

Во текот на ова одбележување беа соопштени и имињата на учениците чии творби се прогласени за најуспешни на ликовниот и на литературниот конкурс, објавени по повод патрониот празник на училиштето.
На литературниот конкурс најуспешни се творбите на Арифе Асани и на Симона Костеска ученички од 8-мо одделение и Семра Рустемоска од 9-то одделение, додека на ликовниот конкурс за најуспешни беа прогласени творбите на Рудина Алиу ученичка од деветто одделение, Хадиса Керелоска од седмо одделение и Мелек Реџеп од петто одделение.
Вработените наставници со 20 години работно искуство добија рачни часовници, оние со 30 години работно искуство се наградени со златници, а награди добија и четворица наставници што го завршија работниот век, поточно заминаа во пензија.