Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола на 7 септември во културниот центар „Магаза“, во Старата битолска чаршија, ги претстави најдобрите ликовни творби од годинашната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.

Раководителот на студиото, Коста Хаџи Антоновски, истакна дека со оваа меѓународна ликовна изложба продолжува традицијата, во предвечерието на Денот на независноста на Македонија – 8 Септември, во Битола да се претставуваат најдобрите дела на меѓународната детска ликовна манифестација, обединети со изложбата „Магијата на Монмартр“.

– Оваа година во ист ден и во ист час отворивме две ликовни изложби на кои беа претставени најдобри ликовни дела од колонијата што пролетоска се одржа во Битола и во Охрид. Првата изложба беше во битолската „Магаза“ во 20 часот, а втората во главниот руски град Москва, во Академијата за акварели и ликовни уметности на Сергеј Андријанов. Со оваа одлука сметавме дека уште повеќе се интернационализираат културните вредности на манифестацијата – рече Хаџи Антоновски.

На изложбата „Магијата на Монмартр“ доминираа ликовни творби со мотиви од старата македонска архитектура и пејзажите во Македонија.