Како наставничка по македонски јазик и литература им ја всадувам љубовта кон книгата на моите ученици, вели Китанова

Од мој агол: Ленче Китанова, наставничка по македонски јазик и писателка

Секој период од животот на човекот е убав, но за мене детството е најубавиот дел од животот, гледајќи го ова од агол на мајка на две деца, сега и баба, но и работејќи како наставничка цели 34 години. Мојата професија ми овозможува да бидам со децата и пред моите очи да ги гледам како растат.
Детството е безгрижно затоа што родители, баби, дедовци, тетки, сите се грижат децата да бидат среќни и исполнети. Но понекогаш и се претерува во тоа настојување, бидејќи сите блиски сакаат на своето дете да му ги исполнуваат желбите. Понекогаш не е добро баш сѐ да им се исполнува, но тогаш треба да им се објасни зошто се постапува така. Треба да се кажат вистинските причини, и тогаш децата ќе сфатат дека тоа се прави со најдобра намера. Но доколку грубо им се каже „ете, така не може“, тогаш децата се спротивставуваат и по секоја цена бараат да се реализира она што тие го сакаат.

Најсигурниот пат да се биде близок со детето е ако се ислушува докрај, доколку не му се прават забелешки додека зборува. Едноставно кон него треба да се покаже почит како кон рамен на возрасните. Никој не смее однапред да му суди за постапките. Доколку направи некоја грешка му се укажува со аргументи. Децата сакаат разговор и дијалог, а не обраќање со реченици од типот:
– Ме разбра!? Ајде вети ми дека ова нема да го повториш!
Детето во овој случај нема можност ништо да каже во своја самоодбрана! На децата треба да им се помага, секојдневно да се разговора со нив. Не треба да се потценува нивното мислење.
Детето во одредени ситуации може да биде поуспешно од возрасните, пред сѐ во областа на современите технологии, што ги совладуваат од најмала возраст. Сепак, ние наставниците, заедно со родителите треба да им бидеме пример на децата со нашето однесување.

Големиот педагог од 17 век, Јан Амос Коменски рекол: „Воспитувањето подразбира почитување на детето! Децата се најголем дар од Господ и детето е најскапоценото нешто со кое ништо не може да се спореди.“
Како наставничка и како авторка на неколку книги многу често, со големо задоволство на децата им укажувам на значењето на книгата. Им посочувам дека треба да се чита и дека е вистинско задоволство книгата да се држи во рака и страница по страница да се чита. Преку книгата се патува во најразлични земји и светови, се среќаваат нови луѓе, нови места.
Јас како наставничка по македонски јазик и литература им ја всадувам љубовта кон книгата на моите ученици. Многупати кога ќе им дадам книга за лектира им посочувам ликови, настани и на тој начин им ја зголемувам љубопитноста, да дознаат што ќе се случува со ликовите и настаните, а со тоа и желбата за читање на книгата.

Повторно ќе го цитирам Јан Амос Коменски, кој рекол: „Со воспитувањето на детето треба да се тргне од најраната возраст. Тешко се надоместува пропуштеното!“
Вистина, никој од нас не треба да дозволи да го пропушти воспитувањето на своето дете, кое многупати претставува клуч за влез или излез од многу дадени состојби, кои човекот однапред не може да ги предвиди!