Заедно со родителите, особено со претседателот на Советот на родители, разговараме за сите можни начини како да се надмине наметнатата проблематика со прекинот на наставата, а притоа да нема многу штета за учениците, вели наставничката Гордана Угриновска од ОУ „Елпида Караманди“ во Битола

Откако епидемијата на коронавирусот ги затвори училиштата

Многу институции периодов се потрудија времето на дечињата да им го направат поинтересно на различни начини, па, така, на Македонската радио-телевизија секојдневно се емитува емисијата ТВ-училница, се репризира популарната емисија „Бушава азбука“, а на истата телевизија почнаа да се емитуваат и некои од претставите на Театарот за деца и младинци, кој на 25 март слави 30 години од своето постоење.
Покрај здравствените работници, кои периодов поради вирусот имаат многу голема одговорност и огромен обем на работа, нашите наставници и професори исто така се соочуваат со проблеми и предизвици како на децата да им овозможат образование преку технолошките алатки за да не се испушти материјалот и да не се натрупа, за да не се јават проблеми и пропусти откако децата ќе се вратат во училишните клупи.
„Колибри“ разговараше со наставници од различни нивоа на образование од Македонија и од регионот за работната атмосфера и начините со кои се справуваат во новонастанатата и неочекувана ситуација.

Одделенската наставничка Гордана Угриновска од ОУ „Елпида Караманди“ од Битола вели дека ваквата ситуација е навистина сложена, особено поради ненадејноста.
– Се соочивме со реален проблем, за кој во минатото се заговараше поставување национална платформа што би послужила за интеракција меѓу наставниците и учениците. Но тоа не се случи. За училиштата, пак, кои преку најразлични европски проекти имаат свои платформи што ги користат за споделување на наставните содржини до своите ученици, тоа не претставува никаков проблем. Проблемот е кај оние што немаат такви услови за да ја продолжат наставата од дома – вели Угриновска.

Оваа наставничка посочува дека далечинското учење е сложен процес и за него се потребни многу енергија и креативност за да се осмисли и да се доближи што е можно подобро до учениците, а тоа е процес во кој и родителите имаат улога на домашни едукатори.
– Конкретно, јас во оваа ситуација ги користам сите можни ресурси за да можам што е можно повеќе информации да споделам со учениците преку нашата фејсбук-страница, на која споделувам неделни активности според планирањата за овој период. На родителите им е сугерирано да ја применуваат и веб-страницата на училиштето, од каде што ќе ги користат понудените наставни содржини во вид на презентации, каде што има поставено цели и очекувани ефекти, кои ќе дадат една слика што е тоа што треба да знае еден ученик за соодветната наставна единица.. Понудувам интересни активности и линкови, со кои учениците ги мотивирам за подобро организирање во својот дом..

Заедно со родителите, особено со претседателот на Советот на родители, се разговара за сите можни начини како да се надмине наметнатата проблематика со прекинот на наставата, а притоа да нема многу штета по однос на учениците – објаснува наставничката Гордана Угриновска.
Јулијана Талеска е наставничка по македонски јазик во ОУ „Климент Охридски“ во Прилеп, која вели дека коронавирусот нѐ преиспитува сите нас на различни нивоа, а секако тука тежок тест имаат и наставниците, за кои смета дека не се целосно подготвени за ваков начин на образование.
– Сегашното мое е-предавање е експеримент чии резултати ќе ги дискутираме подоцна. Пред сѐ го користам мојот блог www.mojtaucilnica.wordpress.com, но од скоро и googleclassroom (https://classroom.google.com), чии можности уште ги истражувам. Исто така www.edmodo.com покажува одлични резултати и е многу пристапна за учениците, бидејќи визуелно личи на Фејсбук, но е многу пофокусирана и полна со алатки за работа со ученици.

Платформата https://www.brainpop.com е одлична, за среќа поради околностите е бесплатна, а во други ситуации не би била во можност да ја користам – вели Јулијана Талеска.
И средното и високото образование се соочуваат со истите проблеми, а во зависност од образовната насока, можеби и со поголеми проблеми. Така е кај нас, но така е и во регионот. Професорката по латински јазик и организаторка на наставата во Средното медицинско училиште во Заечар, од соседна Србија, Ленче Бумбароска Радосављевиќ, вели дека ваквата ситуација ги изненадила нивните наставници, кои не биле подготвени за вакво нешто.

– Сепак брзо се организиравме. Користејќи ги платформата на Гугл (Google Apps for Education) и апликацијата Вибер успеавме да поставиме виртуелно училиште. Имаме посебни вибер-групи: наставничка канцеларија, педагошки колегиум, класни раководители итн., каде што се договараме за административните работи. На апликацијата Google classroom ги поставивме и сѐ уште ги поставуваме предметите. Потребна ни е барем уште една недела за да фатиме некое темпо. На РТС ќе одат часови по одреден распоред, а тоа што ние ќе го поставуваме во виртуелните училници ќе биде дополнителен материјал за вежбање – вели професорката Ленче Бумбароска Радосављевиќ
Наталија Лапаева Ристеска е визитинг-професорка по руска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа вели дека за нејзиниот предмет особено е важна и потребна живата комуникација и дека во вакви околности работата е отежната, но сепак таа нашла решение.
– Одлучив да не губам време во откривање нови алатки, програми и платформи, туку веднаш да се вклучам во образованието од далечина преку програмите што веќе ги користам, за да не трпи образовниот процес, а студентите да не губат континуитет. Затоа неколкупати во неделата одржувам предавања на Скајп. Студентите се презадоволни. Избирам тема од наставниот материјал и разговараме за неа, дискутираме книжевни дела и автори. Некогаш дискусиите стануваат многу интересни, па траат и со часови – ни рече проф. д-р Наталија Лапаева Ристеска.

Таа дополни дека за поздрав е секој начин да се реализира наставата во вакви комплицирани и отежнати услови и секако дека сето ова може да биде шанса за модернизација на образовниот систем, за напредок, за учење и за наоѓање нови решенија. Но најголем дел од образовниот кадар смета дека сепак вистинскиот контакт е оној директниот, кога пред себе ги гледаат своите насмеани ученици и студенти и кога и за добро и за лошо се дискутира непосредно, а наставниот материјал се пренесува директно.