Котев како надворешен соработник на институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, интензивната собирачка и проучувачка  дејност на фолклорот ја почнува во 1970 година и со истиот жар работи и денес

Иван Котев, чувар на македонскoто народно творештво

Децата уживаат да слушаат песнички, бајки, басни и приказни, а некои
од нив особено уживаат во оние приказни со замислени ликови, чудни суштества, фантастични случки… Токму такви сказни пронајде современиот македонски фолклорист, етнограф и истражувач Иван Котев и ги собра во една книга за сите дечиња, насловена „Девојчето со златно срце“. Станува збор за дело што содржи македонски народни волшебни приказни од Струмица и од Струмичко, изворно собирани од народниот раскажувач и автентично, на дијалект, пренесени во книгата.
– Овие сказни, снимени во минатиот век, но и такви што Котев ги запишал последните неколку години, претставуваат документ во кој се зачувани специфичните јазични особености на говорот во Струмица и Струмичко. Оние сказни што датираат од седумдесеттите години на минатиот век ги чуваат белезите на струмичкиот дијалект, содржат зборови, изрази и фрази што веќе изумираат (или стануваат дел од пасивната лексика) или се непознати за новите говорители.

Јазичните белези на сказничната нарација откриваат архаични наслојки на еден локален говор, особености што во современ контекст не се среќаваат. Единствено сказната останала да сведочи за нив – пишува проф. д-р Ана Витанова Рингачева во рецензијата кон оваа книга.
Инаку, по повод 50-те години собирачка дејност на Иван Котев, снимен е и документарен филм за него. Автор и режисер е новинарката и поетеса Сузана Мицева, а монтажата е на Кире Пиличев.
Уредник на изданието е Никола Д. Сарајлија, илустрациите се на Даниела Велкова, дизајнот на корицата го направи Виолета Сандева, а лектурата е на м-р Јасмина Поркоевиќ-Миленковиќ.

Приказните во книгата се пренесени од живиот говор на раскажувачите: Борис Ефтимов, Дана Станојска, Киро Иванов, Костадинка Витанова, Љуба Томова Тодорова, Марика Атанасова, Петра Шузелова, Ратка Терзиева, Славка Вучкова, Томе Андоновски, а раскажувањата ги снимил и ги дешифрирал приредувачот Иван Котев. Во книгата се наоѓаат и речник на непознати и помалку познати зборови, речник на лични имиња, речник на географски имиња и регистар на приказните.
Ова по многу нешта посебно дело содржи дваесет и една приказна, а ние со една ќе ве воведеме во волшебниот свет на македонското народно творештво содржано во оваа прекрасна, важна и потребна книга. 


За авторот

Иван Котев е роден во 1939 г., во селото Робово, Струмичко. До четврто одделение учел во родното село, а осумгодишно училиште во блиското село Муртино. Потоа се запишал во учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип. По завршувањето на петгодишното школување, учителствувал во повеќе села во Македонија, претежно во Кочанско и во Струмичко. Педагошка академија, група Македонски со српскохрватски јазик, завршил во Штип, а по завршувањето на студиите извесно време работел како наставник по македонски јазик во с. Босилово и Дабиља, каде што подолго време ја вршел функцијата директор на училиштето. Во меѓувреме дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Историја на книжевностите на југословенските народи со македонски јазик.

Котев покажува голем интерес за богатствата на духовната култура на Македонија, особено за фолклорот. Како надворешен соработник на институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, интензивната собирачка и проучувачка дејност на фолклорот ја започнува во 1970 година и со истиот жар работи и денес.
Има собрано повеќе илјади народни песни, приказни, анегдоти, кажувања, поговорки и др. Овие драгоцени изворни материјали се снимени на магнетофонски ленти, а голем дел од нив му е предаден на Институтот за фолклор во Скопје, кога своевремено оваа научна институција почна широка акција за собирање и регистрирање на фолклорното богатство од Македонија. Тогаш, како надворешен соработник на Институтот, тој собира фолклорни материјали од Струмичко и Малешевијата.

Покрај собирањето, сега работи на средувањето на запишаните и сниманите материјали, со надеж дека барем некои од нив ќе бидат обнародени. Има објавено повеќе книги од областа на образованието и фолклорот. Настапувал и настапува на голем број домашни и меѓународни научни собири, симпозиуми и конгреси, со свои соопштенија и реферати. Соработувал и сè уште соработува со голем број електронски и печатени медиуми, пропагирајќи го нашето богато духовно културно наследство.
Коавтор е на три филмувани приказни што се снимени според народни приказни, кои ги снимил на теренот и ги дешифрирал. Библиографијата на Иван Котев се состои од над 180 библиографски единици.