Низ страниците на македонската литература за деца: од книгата
„Децата од моето училиште“ на Јадранка Клисарова

Една зимска вечер, додека надвор снегот паѓа, во топлиот дом на семејството Николовски бурно се дискутира за планетите. Секој кажува какви планети има, која е најголема, која е најубава и кој каде сака да живее. Оља и Михајло за миг посакуваат да одат на Меркур, Венера или Сатурн, но размислуваат дали таму има услови за живот. На нивниот разговор се приклучува татко им и им вели:
– Нашата планета се вика Земја. Таа е најубава од сите планети.
– Од каде знаеш дека таа е најубава, кога не си ги видел другите планети? – во еден глас, прашуваат Оља и Михајло.
– Ги следам сите документарни емисии за планетите и за универзумот. Со сигурност знам дека Земјата е најубава и затоа многупати ја нарекувам чудесна и волшебна. Сигурно се прашувате зошто?
Оља и Михајло зачудено очекуваат целосни одговори, кои ќе ги задоволат нивните љубопитни главчиња, и само прашуваат: Кажи, кажи, за ова… кажи за она…
– Чудесна е затоа што на неа опстануваат многу видови растенија, животни, а и ние луѓето – одговара татко им.
По кратка пауза додава:
– Волшебна е затоа што таа обезбедува услови за опстанок на целиот жив свет.
– Да, навистина, тука се раѓаме, растеме и живееме – потврдува Михајло.
– А ние, децата, сме најголемата радост на планетата Земја – дополни Оља.
– Таа ни дарува вода за пиење, богата храна и други услови за живот. Затоа секој од нас треба да ја чува како најскап дар – рече мајка им.
– Освен условите што ни ги дарува планетата Земја, за целиот жив свет се потребни светлина и топлина, кои ни ги дарува Сонцето – додаде татко им.
– Затоа, да ја чуваме нашата убава планета Земја, зашто немаме резервна планета каде да живееме – заклучуваат Оља и Михајло.