Откако пред неполна година ја издаде првата збирка поезија „Мојата Белица“, наставникот по македонски јазик од Кичево, Зоран Костески, деновиве во електронска форма ја издаде втората збирка песни „Волшебен сон“, инспирирана од едно припитомено срнче во неговото родно село и мечето што пред две години го затекнал во својот пчеларник.

– Мојата втора поетска збирка „Волшебен сон“, издадена во електронска форма, е наменета за децата од пониските одделенија. Составена е од 23 строфични песни и е објавена во електронската библиотека „Фондација македоника“. Во песните доминираат лирски чувства, љубов кон природата и неопходната грижа за неа, а тука се и стиховите за среќно и безгрижно детство – вели Костески.
Со своите стихови тој сака да им испрати порака на децата да се грижат за природата и да ја чуваат.

– Живееме во време во кое се соочуваме со огромен број пожари – со уништување на природните богатства. Во поголемите градови катастрофално е загаден воздухот. Еколошката свест е на ниско ниво. Насекаде има расфрлани отпадоци, реките и езерата се преполни со отпадоци. Мотивиран од уништувањето на природата, напишав стихови посветени на децата од мала возраст, со намера кај нив да се развие еколошка свест, со силна идејна порака за зачувување на нашата животна средина – истакна Костески.

Тој посочи дека создавањето на оваа збирка песни го започнал пред неполна година, додека повеќето од нив ги напишал последните два-три месеци.
Инаку тој со оваа книга учествува и на конкурсот на „Едука мак Скопје“ и се надева дека оваа збирка наскоро ќе излезе во печатена форма, но со повеќе песнички.
Костески ги напишал првите песнички уште пред две децении и е добитник на повеќе награди на конкурси за поетски творби, пред сѐ за деца.