На официјалната фејсбук-страница на Пионерскиот дом во Гевгелија, деновиве се одржа онлајн изложба на Ликовната работилница при Пионерскиот дом, која со оваа активност одбележа еден мал јубилеј, пет години постоење и создавање бои и звуци што го дефинираат детскиот имагинарен свет.

Изработеното видео е сублимат од над 90 цртежи и изработки во текот на учебната година, односно детски цртежи реализирани од млади таленти од различна возраст, со различни техники на сликање, како акварел, темпера, колаж, гваш и неколку експериментални техники, имајќи ja предвид возраста на учениците што се дел од Ликовната работилница, која работи под менторство на ликовната уметница м-р Мирјана Крстева Масети.

– Со големо задоволство можам да кажам дека во сите, над 20 млади посетители на оваа работилница, се крие огромен потенцијал. Се работи за деца на кои јас им всадувам малку од ликовната хемија, а тие со својот труд самостојно понатаму навлегуваат во тајните на ликовната уметност и ја истакнуваат својата индивидуалност. Тие се уште еден доказ дека Општина Гевгелија не треба да се грижи за развојот на ликовната уметност во иднина – вели Мирјана Крстева Масети. Љ.А.