Сега полека е време да одите, оти, еве, сонцето заоѓа, криејќи се зад планините. Еве ви по еден домат како подарок. Но имате една задача. Откако ќе го пресечете доматот, извадете семе, малку измијте го и ставете го да се исуши. Потоа ставете го во хартиена вреќичка. Следната пролет посејте го и ќе излезат нови стебленца домати.Така ќе растат и од нив ќе имате плодови, а кога ќе јадете ќе се сетите на мене. Ајде, сега, со здравје, ги испрати дедото своите мали гости, со истата насмевка со која ги пречека

ЕКОКАТЧЕ

Децата уживаат во летниот распуст. Секое на свој начин. Некое дете летува крај море, друго крај езеро, трето е на планина, четврто на село, петто е дома и си наоѓа начин интересно да му врви времето. Родителите на Влатче годинава одлучија да не одат на летување надвор од државата. На Влатче на почетокот, кога ја слушна одлуката, не му беше сеедно, но потоа сфати, па реши да си најде занимација, за да не му биде здодевно.
Вики и нејзините родители беа на краток одмор на море. Времето таму не им се погодило баш, а и летување без Влатче, тоа не е тоа. Инаку, претходно, секое лето родителите на Вики и родителите на Влатче одеа заедно на одмор сосе своите деца. Но, ете, годинава работите излегоа поинаку…
За среќа, родителите на Влатче имаат викендичка во близината на Скопје. Поради своите обврски и поради немање време, а и од немукает, како што велат старите, не одат многу често, но годинава, бидејќи не одат на летување крај вода, почесто одеа на викендичката.
– Знаеш, Вики, колку е интересно на викендичка. Видов желка, па мали желчиња, мачката од соседот омачи три мачиња, еднаш ги бркавме кокошките, кои летнаа преку плотот, па еден глушец скокна низ оџакот, а мама многу се исплаши, па тато ја смируваше – занесено раскажуваше Влатче.
– Блазе си ти – воздивна Вики.
– Јас многу би сакал да дојдеш и да поседиш барем две недели. Со тебе ќе ми биде уште поинтересно. А има и еден чуден дедо, кој таму живее сам. Многу сакам да одам, ама сам не ми се оди некако. Многу интересно изгледа, а и нешто везден сее, пресејува… Не знам што прави точно. Баш би сакал да знам – малку тажно и малку надежно зборуваше Влатче.

– Ооо… тоа е многу интересно. Можеби прави некакви чуда, магии… Можеби ќе нѐ научи нешто – возбудено и љубопитно кликна Вики.
– Ама ако им го кажеме ова на родителите, тие никогаш нема да нѐ пуштат да одиме таму. Ние треба да им кажеме само дека сакаш да дојдеш кај нас на викендичка и да поседиш неколку дена – рече Влатче.
– Тие веднаш ќе речат дека не може. Па, уште ако речам две недели, нема шанси. Ама, Влатче, си знаеш ти како – ќе им досадуваме, ќе им досадуваме и ќе попуштат, ха-ха-ха – се изнасмеа досетливата Вики.
Кога Вики влезе дома, застана пред огледалото во ходникот и направи една таква тажна лика,
Приквечерината заѕвони телефонот. Се јави чичко Томислав, таткото на Вики. Од другата страна на слушалката зборуваше чичко Кире, таткото на Влатче.
– Соседу, ајде пакувајте се, од утре, па наредниве десетина дена да поседиме кај нас на викендичка. За децава има занимација, а и ние ќе уживаме во ладовината под оревот. Таму е многу попријатно отколку овде во градов – рече чичко Кире.
– А бе, сосед… па да се договориме, барем задутре да биде тоа. Да имаме малку време да испазариме потрепштини за таму, а и да се договорам со сопругата и со децава – одговори чичко Томислав.
– А бе, што ќе се договараме ние. Вики и Влатче се договориле. Ха-ха-ха, ние сме само извршители – додаде чичко Кире.
– А бе, некогаш мислам дека многу сме ги разгалиле, ама па си велам, не бараат глупости, туку бараат, ете, одење во природа, правење куќи за птици, цртање екопароли… Добри деца се и затоа треба да им се удоволи тоа што го бараат.
Следниот ден двете семејства отидоа на викендичката во селото Соње, близу Скопје.
Деновите таму траат долго. Нема интернет, нема компјутери… Свири само стариот транзистор на чичко Кире. Татковците играат шах и табла, мајките муабетат, а децата шетаат по ливадите, берат некои полски цвеќенца, одат кај соседите, берат понекој плод, трчаат низ бескрајните ниви, кои ги бакнува небото.

– Ене, онде кон ритчето е таа осамена куќа, каде што живее тој чичкото што ти кажував… Сакаш да отидеме таму – праша Влатче.
– Еј, ајде одиме – веднаш се согласи Вики.
– Еј, ама за ова на нашиве домашни ни збор, важи – замоли Влатче.
– Да бе, па ти… Се знае – рече Вики намигнувајќи.
Штом стигнаа, на влезот во дворот ги пречека еден дедо во поодминати години. Иако не ги познаваше, штом ги здогледа, на лицето, кое беше чисто и без брчки, се покажа широка насмевка.
– Добар ден, деца – рече човекот.
– Добар ден, дедо – вратија малку уплашено дечињата.
– Ви треба некој – праша.
– Не, ние… ние… – почна да пелтечи Влатче, а потоа некако се охрабри, па како да рецитира за оцена рече – Jaс секогаш кога сум на викендичка, доаѓам во близината на вашата куќа, ама сепак од подалеку гледам што правите. Нешто дувате, пакувате, пресејувате, летаат некои семиња… Дали сте вие магионичар -рече Влатче во еден здив, без да земе воздух.
– Ха-ха-ха-ха-ха… – од срце и со милост се изнасмеа дедото, додека Вики вчудовидено гледаше те во дедото те во Влатче.
– Да, да, можеби да се чуваат и негуваат растенијата и семињата во ова време е навистина чудо. Можеби сум чудак. Вака, дечиња, јас се викам дедо Раде. Со години одгледувам стари сорти на овошје и зеленчук и собирам семиња од тие стари сорти.
– А зошто – прашаа едногласно Вики и Влатче.
– Тоа, дечиња мои, е многу важна работа, иако ретко кој ја работи, а уште помалку некој ја цени и ѝ придава важност. Јас на тој начин ги чувам старите сорти што растат на почвата на нашата Македонија. Тие сорти уште се нарекуваат автохтони. Стари сорти грав, стари сорти пиперки, домати, краставици, тикви, јаболка, грозје… И така сега си имам цела банка.
– Ооо, значи јас згрешив, вие не сте магионичар, туку банкар – рече Влатче.
– Не, дете мое, не сум јас никаков банкар. Не зборувам за банка за пари како во градовите, туку така се вели – банка за семе. Ајде, дојдете со мене да ја видите таа моја банка…

Дедото ги поведе децата во куќата, а потoа во една соба, која беше темна и цела беше полна со дрвени рафтови со фиоки. На секоја фиока беше залепено по едно ливче.
Деца мои, во секоја од овие малечки фиоки се наоѓаат семиња, а на овие ливчиња пишува за какво семе станува збор, од каде сум го добил или сум го донел и во која година. Некои од тие семиња напролет ги сеам, а потоа од зрелите плодови пак оставам семе. Така ги чувам старите сорти од нашите краишта.
Ооо, колку интересно. Можеме ли да разгледаме некои од семињата – праша Вики.
– Се разбира, ќе отвораме фиока по фиока и јас ќе ви кажувам. Еве, овде, на пример, има семе од стара сорта на шарен грав виткач. Виткач значи дека растејќи мора да се прикрепува за дрвен колец или ако се посее до него пченка, неговото стебло ќе се мота околу стеблото од пченката. Еве овде лути везени пиперки. Нив ги одгледувам од пред дваесет години. Еден пријател ми го донесе семето. Од селото Обршани. Имам и разни сорти на домати, јабучар, волоско срце… Имам и од старите сорти грозје, како што се станешина, пупулига… Имам и јаболка од сортата кожарка, како и стара сорта сливи и оскруши…
Еве, овде да ви покажам како изгледа семето на бамјата.
И така, движејќи се низ собата, децата љубопитно гледаа, а дедото раскажуваше со огромен жар, како да чекал момент некому да му каже што работи.
Значи, сепак не се излажав кога реков дека сте магионичар. А вие сте и мудрец. Така изгледате поради таа долга брада и поради шеширот – се насмеа Влатче, кој веќе увиде дека е време да одат кон нивната викендичка за да не се загрижат родителите…
Деца мои, брадата е долга оти ми е здодевно да се бричам, шапката ја носам за да ме штити од сонцето додека работам во градината, а не сум јас никаков мудрец – само ја спознавам мудроста на семето. А не сум ниту магионичар – само секој ден учам за раѓањето и исчезнувањето на семињата, на растенијата… И знаете што сфатив – навистина во семињата спие магијата на животот. Од едно мало навидум безначајно семче се раѓа новиот живот, кој потоа ги храни луѓето, животните… Зарем не е така?
На дечињата не им беше баш сѐ јасно, ама ги почувствуваа љубовта и топлината со која раскажуваше дедото.

Сега полека е време да одите, оти, еве, сонцето заоѓа, криејќи се зад планините. Еве ви по еден домат како подарок. Но имате една задача. Откако ќе го пресечете доматот, извадете семе, малку измијте го и ставете го да се исуши. Потоа ставете го во хартиена вреќичка. Следната пролет посејте и ќе излезат нови стебленца домати. Така ќе растат и од нив ќе имате плодови, а кога ќе јадете, ќе се сетите на мене. Ајде, сега, со здравје – ги испрати дедото своите мали гости, со истата насмевка со којашто ги пречека.
Децата ги зедоа крупните домати, се заблагодарија, се поздравија и си отидоа. Кога отидоа дома, накратко раскажаа каде биле. Но не сѐ. Остана и нешто што не се кажува, нешто што го зачуваа во нивните мали срценца, како што го зачуваа и семето во малите хартиени вреќички.