Низ страниците на литературата за млади: „(Калеидо)скопски шеми“
од Љубомир Грбевски

Не смеете мобилните да ги вклучувате на час,
не смеете да викате на сиот глас,
не смеете бучава да кревате,
не смеете да се задевате…
Сто пати ви се кажало веќе
не смеете од школскиот двор да берете цвеќе,
ни трева да газите,
кога минувате улица, да внимавате, да пазите!
Не смеете да трчате, да паѓате, да досаѓате,
да се валкате, да се потите,
безобразно да ломотите,
глупости да траскате,
не смеете колената да ги издраскате!
Не смеете комшиското кутре да го галите,
не смеете оган да палите…
Не смеете повеќе од полчас
пред компјутер да седите,
ќе станете зависници, очите ќе ги повредите…
Eeej, веќе немам здив… Се задушив!
Е, стварно се оток,
стварно имам голем притисок,
бетер од „Војна и мир“, прв том…
А, родителите да ги пратиме
во поправен дом?!

Бајка – сообраќајка

Еден мал тротинет (во пубертет!)
на грешно се паркирал место,
како што и други,
прават многу често.
В час се појави пајак, јак: „Кој се дрзна?!“
Тротинетот од страв смрзна,
пајак син, гладен како змев,
го искара – и јас таму бев!
Слушај мали, – пајаков се „напали“,
„Немој тука другпат да паркираш,
ќе те дигнам, немој да фолираш!“
Но, се случи еднаш нешто,
малку тажно, малку смешно,
и пајакот се паркира погрешно!
Кој него сега ќе го зема,
над пајакот, пајак нема!

Влезот во блок број осум

Влезот во блок број осум,
галерија на протестни пароли,
против родители и сите профи,
некои љубовни
и деликатни строфи!
Куќниот совет без успех
го реставрира тој влез,
а некој мангуп од долниот кат
со смисла за духовит фазон,
ќе напише: Ова е наш полигон!
На ѕидот од овој влез,
се пишува сè и сешто,
малку сентиш, малку смешно…
Влезот во блок број осум
е како тетовиран морнар:
Цртежи мали, Аморови стрели,
љубовни таги и шарени лаги!
Во влезот во блок број осум,
напишано со невешта детска рака:
Наташа со Мишко многу се сака!
А подолу со креда сина
допишана, безобразна рима!


„(Калеидо)скопски шеми“ е петтата книга на познатиот новинар и музички критичар Љубомир Грбевски-Џери. Покрај новинарската активност, пишува и белетристика, рок-поезија, како и песни и драмски текстови за урбана тинејџерска популација. Збирката „Стихови празни и рими безобразни: (антипесни за тинејџери)“ е негова дебитантска книга, која доживеа две изданија (1991 и 1992), книгата „(Хоро)скопски шеми“ се појавува во печат во 2009 година. Во 2016 година излегува неговата книга „Бајки тралалајки за урбани клинци и напредни мајки“, а во 2019 книгата „Лет со умот, кон папокот на универзумот“.