Сиропиталиштето за него беше местото каде што помина дванаесет години од неговиот живот. Тоа беше место на безброј радости, но и горки солзи и неискажливи соништа за подобар живот.
Неговото име беше Кристијан. Се верува дека уште додека бил мало и беспомошно новороденче, мајчината прегратка ја заменил со онаа на негувателките од домот за сираци, познат под името „Развигор“.
Препознатлив по својот динамичен темперамент и палаво однесување, но и по својата длабока ранливост, Кристијан беше миленик во очите на негувателките и воспитувачите во оваа установа. Но ваквото мислење не го делеше и управникот на домот, човек што беше познат по својата строгост.

Беше 5 јануари. Во домот беа во тек подготовките за претстојната Бадникова вечер, која традиционално се одбележуваше со скромна приредба и заедничка вечера на децата и дежурните вработени. По неколку безуспешни обиди правилно да го каже драмскиот текст на редовната проба, Кристијан се налути и ја напушти сцената трчајќи низ ходникот. Како што сè повеќе се доближуваше до излезната врата, зад него одекнуваа зборовите на управникот:
– Неблагодарнику, внимавај да не те стигнам!
Кристијан силно се втурна низ вратата и трчаше сè побрзо, како да сакаше засекогаш да побегне од тоа место.
Доаѓањето на божиќните празници, за многу од децата во домот беше причина за среќа. Но не и за Кристијан. За него овој период беше причина сè повеќе да размислува за семејството, кое тој, како и многу од децата таму, никогаш не беше го запознал. Со солзи во небесносините очи, се прашуваше зошто неговата судбина била токму таква и чувствуваше длабока тага, но и лутина.
Како што неговите чекори стануваа побавни, зјапајќи зачудено во украсните светилки што го исполнуваа плоштадот по кој врвеше, пристигна до влезот на една малечка книжарница.

Таму го пречека срдечна насмевка на дедото, кој грижливо преместуваше дел од книгите од една полица на друга. Тоа беше дедо Никола. Кристијан го познаваше овој човек подолго време и навраќаше во неговата книжарница секогаш кога имаше потреба од добар совет и пријатно друштво. Откако ја забележа детската вознемиреност, дедо Никола го поведе со себе во неговиот скромен стан и го покани на топла вечера, а потоа телефонски го информира управникот на сиропиталиштето дека Кристијан е со него и дека истата вечер ќе се врати назад во домот. Дедо Никола и управникот се познаваа долго време, па поради тоа управникот им веруваше на зборовите од дедото.
Таа се состоеше од вкусно лепче, топол грав и нешто што дедо Никола го викаше „свирипиле“.
(Се смета дека македонското „свирипиле“ го добило името многу одамна, кога на некое детенце му се пријало, а бабата направила нешто со суви пиперки и го „олутела“. За да не плаче внучето, почнала да му вика „Свири пиле, свири пиле“, и така останало).

Но не вечераа сами. Дедо Никола накратко излезе и се врати во друштво на десетгодишниот Јован и неговата слепа баба, со која заедно живееjа во станот спроти оној во којшто живееше дедо Никола.
– Ние често вечераме заедно. Дедо Никола споделува со нас сè што има, а најмногу неговата грижа и љубов – му рече малечкиот Јован во разговорот на Кристијан.
Таа вечер пред Бадник, Кристијан имаше свое семејство – макар и привремено. Оттогаш, поминаа повеќе години и дедо Никола го немаше, а Кристијан веќе беше возрасен млад човек.
Во неговото срце засекогаш остана да гори пламенот на таа посебна зимска ноќ од која научи дека: „Само она што го даваме, останува вечно наше.“
Таа ноќ, дедо Никола милно ги избриша солзите на едно дете.

(Од книгата „Записите на учителот“ на Влатко Стојковски)