Денес во „Колибри“ ви ја претставуваме и третата наставничка од вкупно шесте просветни работници на годината за учебната 2017/2018 година.

Гордана Угриновска е одделенска наставничка во ООУ „Елпида Караманди“ во Битола. Таа е дипломирана учителка по одделенска настава и веќе дваесет и шест години неуморно работи со децата, кои се нејзин мотив, поттик и инспирација.

– Мојот професионален развој го остварувам преку индивидуално усовршување, со стекнување повисок степен на базично образование, и екстерно, преку учество на менторски семинари што ги реализираат странски експерти и советници од Бирото за развој на образованието на Р Македонија, во рамките на проектите во кои беше вклучено и моето училиште – објаснува Угриновска.

Иако многу години е во наставата, наставничката Гордана работи неуморно, има многу активности и остварува високи резултати, а двапати била назначена и за ментор на помладите колеги.

– Учествував и во проектите „Модел училиште“, „Инклузија на деца со посебни потреби“, „Култура на живеење“, Е-училиште за програмата „Тол кид “, Moдернизација на образованието, Самоевалуација и развојно планирање – рече Угриновска, набројувајќи само дел од активностите.

Угриновска остварила и студиски престои во Англија и во Швајцарија, а во 2006-та за сите успеси со своите ученици, по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, ѝ доделено е признанието „Просветен работник на град Битола“ од Здружението на просветни работници од основно и од средно образование на Битолa.
Како круна на сѐ што сработила оваа вредна и посветена наставничка, следуваше наградата „просветен работник на годината“ на ниво на Македонија.

– Наградата што ја добив по повод Денот на учителот, за постигнување видни резултати во воспитно-образовната работа, е само потврда дека сум на добар пат за исполнување на мојата мисија како учителка и дека потребите на сегашниве и на идните генерации ќе продолжат да бидат исполнувани од моја страна. Вербата, силната емпатија, љубовта кон професијата и кон моите ученици ќе бидат патеката по која ќе се движам сѐ до моето пензионирање – ни вети наставничката Гордана Угриновска. Ф.Д.