Од творештвото на писателот Трајче Кацаров

Ништо не беше поцврсто од Велик,
што од милост го викавме Челик.

– Јас па јас – велеше Велик.
– Ти па ти – му возвраќаа одделенците.

И никој на патот
не му стоеше на Велик,
зашто се плашеше
врз главата да не му слета
тупаница од челик.

На часовите,
како да немаше јазик,
затоа пак на одморите,
ќе го фатеше за гуша,
секого што не сакаше
зборот да му го слуша.

А кога љубовна порака,
гласно пред сите нас,
Ива-Статива му прати,
се растопи од срам
нашиот Велик,
како да беше од восок, а не од челик.

(Од книгата „Енци-менци одделенци“)