Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новата книга на познатиот македонски писател за деца Стојан Тарапуза, која неодамна излезе од печат како издание на издателството „Матица“, содржи педесетина прозни текстови напишани во рима и во дијалошка форма, со кои децата можат да научат многу важни работи за светот што ги опкружува. И дијалозите и прашањата и одговорите еден со друг се дополнуваат и игриво и од срце се нижат многу зборови и разговори.
На почетокот на секој текст во неколку реченици-везеници се соопштува суштината, а потоа, со зборови, кои несомнено ќе го збогатат детскиот речник, се открива зошто се сака татковината, кои се весниците на пролетта, што се прави од зрно пченица, како се сади дрвце, зошто летото е време свето, кои писма шарени се ѕвезди вжарени….
Делото е поделено на неколку циклуси (Мостови на убавината, На што седи пролетта, Девојчињата од нашето одделение и Јаже од зборови) и секој има моќ да го задржи вниманието на младите читатели, бидејќи преку разговор меѓу две прстињата, две врапчиња, Стојанче и дедото, Свето и Светлана, Гане и Цане, Илко и Милко, Милко и Кристинка, на достапен начин, децата учат како да бидат добри и послушни, на училиште, дома, во игрите со своите врсници. Текстовите се и можност на часовите по македонски да се направат и мали драматизации.
Веруваме дека и „Везеница“, како и претходните дела на овој плоден автор, за кој годините воопшто не се пречка за креативност и актуелност, ќе допре до срцата на најмладите, но и на возрасните, бидејќи секоја реченица во оваа книга милува и умни мисли кажува.