Бруно Ивановски со менторката Сузана Цветковиќ

Бруно Ивановски (14), македонскиот претставник на Меѓународниот конкурс за пишување писма за ученици во основно образование, кој годинава по јубилеен 50-ти пат го организира Светскиот поштенски сојуз со седиште во Берн, Швајцарија, во силна конкуренција на талентирани деца од голем број држави го освои второто место. Темата на конкурсот оваа година беше „Напиши писмо до член од твоето семејство во врска со искуството со ковид-19“.
Инаку, Бруно напиша писмо до својата баба, за тоа дека ја нема видено една година и многу му недостига. Тој е ученик во 9-г одделение во ОУ „Крсте Мисирков“ во Куманово, а кога го напиша писмото беше осмоодделенец во ова училиште. Негова менторка е наставничката по македонски јазик Сузана Цветковиќ.
Ова вредно и талентирано момче, кому ова не му е прва награда за литература, а одлични резултати постигнува и по математика и други предмети, е победник на конкурсот „Му пишувам писмо на член од семејството за моето искуство со ковид-19“, во организација на „Македонска пошта“, што, пак, му овозможи да се натпреварува со ученици од целиот свет.
Меѓу голем број писма од ученици од целата земја, комисијата во состав: Горјан Петревски, писател и претставник од Сојузот за грижи и воспитување на децата на РМ, Мустафа Ибраими, универзитетски професор, Марија Таушанска, уредничка на списанието за деца „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“, и Валентина Цветкоска, како претставничка на „Македонска пошта“, одлучи токму писмото на Бруно Ивановски да биде прогласено за најдобро и беше испратено како македонски претставник на конкурсот на Светскиот поштенски сојуз, кој годинава се одржува по јубилеен 50-ти пат.
Со високиот пласман, Бруно го повторни минатогодишниот успех на Јана Поповска од ОУ „Елпида Караманди“ од Битола, која исто така беше второнаградена. Темата што беше зададена од Светскиот поштенски сојуз минатата година беше „Напиши порака до возрасните за светот во кој живееме“.
Пред неколку години го освоивме третото место на овој избор, па да се надеваме дека наскоро ќе бидеме и први, бидејќи голем број од пристигнатите писма, според изјавите на членовите на жирито, бил со извонреден квалитет.

Првото место за Нубајша Ислам од Бангладеш

Инаку, победникот на годинашниот Меѓународен конкурс за пишување писма беше објавен на последниот ден од конгресот на Светскиот поштенски сојуз во Абиџан, Брегот на Слоновата Коска.
Оваа година победничка на конкурсот е 14-годишната Нубајша Ислам од Силхет, Бангладеш. Таа го доби првото место за своето писмо до нејзината малечка сестра, за тешкотиите со кои се соочило нејзиното семејство за време на пандемијата на ковид-19.
Нубајша напиша за своето искуство за време на пандемијата, вклучувајќи ги и полицискиот час, депресијата на мајка си и смртта на тетка си. Исто така, ја охрабри својата помала сестра никогаш да не губи надеж во тешки времиња.
Третото место го освои 14-годишната Дао Анх Тху од Виетнам, со своето писмо до нејзината помала сестра.
Официјалната церемонија за врачување на наградите ќе биде одржана во Берн, Швајцарија, на 9 октомври, Светскиот ден на поштите. Победникот ќе биде поканет на настанот, а ќе бидат пофалени и писма од Белорусија, Бразил, Турција, Индонезија и Либија.

Најголем број учесници од Виетнам

Овој конкурс е започнат во 1971 година и се одржува секоја година, а ги охрабрува младите луѓе од целиот свет да пишуваат писма на одредена тема. Целта е да се издигне свеста за улогата на поштенските оператори во општеството, како и да промовира писменост помеѓу децата од светот преку уметноста на пишување писмо. Секоја година учествуваат повеќе од 60 земји, а жири-комисијата избира три писма, кои добиваат златна, сребрена и бронзена награди. Сите победници добиваат медал, писмо од генералниот директор на Светскиот поштенски сојуз, сертификат и некои мали подароци. Секоја година се пријавуваат повеќе од 1,2 милион учесници, на возраст помеѓу 9 и 15 години. Најголем број учесници се од Виетнам, кои имаат добиено неколку награди и пофалници.
На почетокот на секоја година Светскиот поштенски сојуз ја објавува темата на конкурсот, а потоа земјите-членки одржуваат конкурс на својата територија. Писмата мора да бидат напишани рачно и да не содржат повеќе од 1.000 збора.


Како што ме учеше ти, бабо, што и да е ќе помине

Драга бабо,

Се надевам дека сте добро и дека заедно со дедо редовно ја земате пропишаната терапија. Знаеш, тешко ми е што те немам видено повеќе од една година. Дента кога се слушна веста дека и во нашата земја стигнал некој страшен вирус не бев толку уплашен и не верував дека е сериозно.
Бабо, знаеш кога се освестив? Кога ги затворија училиштата. Нема дружење, нема часови, нема љубов и безгрижност. Да, книгата ми е во раце и учам, ама ја нема онаа еуфорија, која сигурно и ти си ја чувствувала кога си била како мене. Си велам, ајде ќе помине.
Тато постојано гледа вести, само за бројки на заразени слушам. Мама, пак, со едно средство за дезинфекција постојано брише. Де кваките, де славините, де подот. Можеш да замислиш колку витамини ни дава. За секого од нас по една чинија свежо овошје и во истото тоа витаминска терапија. А утрата, такви магливи, ги засладувам со матичен млеч.
Бабо, јас навистина чувствувам страв. Три-четири месеци се мачам како, но морам да бидам искрен и да ти откријам една тајна, колку и да звучи страшно. Не сакавме да те вознемируваме, но тато се избори со вирусот. Сега кога помина, можам да ти раскажам, убеден дека спокојно ќе ја примиш веста. Да, бабо, тато наш, твојот син. Голем како карпа, силен како лав. Лежи во собата и има треска. Стуткан на креветот, мислиш смален. Не ми личи на него.

Најсилниот, зарем е можно да потклекне? Ама, ете, се случи. Седев во мојата соба и тагував, бабо. Тагував за неизвесноста, што ли нѐ очекува, што ќе се случи со тато. Пробував да се смирам со игрички на компјутер, но залудно. Моето срце чукаше толку силно при самата помисла дека вирусот е тука, во нашиот дом.
Не можев да спијам со ноќи. Додека владееше ноќната тишина, ги слушав само чекорите на мама. Сигурно му ја мери температурата на тато. Се молев за него, за мене, брат ми,сестра ми, но и за мама. Таа нѐ гледа и нас кога сме болни, а сега и тато го негува како мало дете. Беспомошен е, блед, со вкочанет поглед. Ме плашеше помислата дека ќе го задржат во болница. Но моите молитви, бабо, се посилни од ковид-19!
Сончевото утро во ноември ми навести добра вест. Тато доби уредни резултати и малку по малку започна да му се враќа свежината. Оттогаш до денес, повремено се жали на задишаност. Но не грижи се, бабо! Тој редовно прави лекарски прегледи.
Јас, искрено, сега се грижам за вас, за тебе и за дедо. Не можам да ве видам, да ве гушнам и да ги јадам твоите најубави и најмирисливи кифли со фил од јаболко. Мммм…, толку многу ми недостасуваат. Ама како ме учеше ти, бабо, што и да е, ќе помине. Се надевам дека многу брзо ќе ми зуи во ушите звукот на авион и ќе пристигнам кај вас.
Ве сакам и ве гушкам виртуелно, како што и живееме денес. Немој да ми се лутиш што не дозволив никој да ви каже за тато. Се надевам дека ја разбираш мојата загриженост. Во писмото што го очекувам од тебе, посакувам само убави вести.

Бакнежи за најдобрите баба и дедо
Голем поздрав, вашиот внук Бруно

П.С. Не заборавајте на витамините и на често миење на рацете.

Автор: Бруно Ивановски, 8-г одделение во ООУ „Крсте Мисирков“- Куманово
Ментор: професорка Сузана Цветковиќ