Бевме ученици во петто одделение (ах, тоа мое петто, никогаш не излегов од него) кога на еден од часовите по мајчин јазик, учителот В. Симиновски ни го опиша Блаже Конески.
„Драги деца, знае ли некој како изгледа Блаже Конески?“ – нѐ праша застанат простум пред таблата.
Надвор врнеше дожд. Поради тоа во старата училница натоварена со уште постари клупи и табла, не закачена на ѕидот туку само потпрена, беше запалена светилката. Под мижуркавата светлост, на прашањето на учителот, кутрите петтоодделенци и петтоодделенки само ги згрчија рамениците.
„Ако не знаете, јас ќе ви кажам“ – рече учителот.
И ни кажа: „Блаже Конески по висина, по стас, наликува на мене. Но по она што го има во главата е поголем од секој Македонец.“
Научната работа на Конески, за нашиот учител беше иманентен дел од неговата творечка личност. За него поуките за јазикот беа виза со која бараше непречен пристап во образованието на секого од нас.
Покажував слаби резултати по тоа прашање. Сепак, описот на Конески засекогаш ми се врежа во главата.

***
Тргнав во прва година гимназија. Тоа лето во 1974 г., на час по македонски јазик влезе одговорната за културно-забавен живот во „Работничкиот универзитет“, сместен во зградата наспроти гимназијата, од другата страна на реката Отиња. Госпоѓата, која беше пристојно облечена со сина коса собрана во кок а ла Јованка Броз, праша: „Има ли некои од учениците што ќе сакаат да членуваат во „Малиот театар на поезија“?
Велат дека оние што се спортски обдарени, односно што имаат спортска градба, да не кажам што се мускулести, можат најпрво да кренат рака и први да се пријават или да одговорат најгласно на наградното прашање. Ниту оддалеку не личев на мускулест младинец, па сепак прв кренав рака. На списокот на одговорната за културно-забавен живот во „Работничкиот универзитет“ се најдоа уште неколкумина ученици и ученички.
На првата средба со режисерот С. Гаврилов разбравме дека излегла новата збирка песни на Блаже Конески „Записи“ и дека треба да направиме рецитал.
Мајка ми само ова го рече за покојникот како тажачка:
„Кога ќе го видев оддалеку
во бела кошула на нашата нива, ми се чинеше – бел барјак се вее на нашата нива
Со него полето ми стануваше убаво.“
„Мислам дека подобро ќе се снајдеш со песната ’Одисеј‘“ – ми рече режисерот на рециталот.

Тој стар, а уште личен морски пилот
Тој морски пилот со вилици што клапаат
Не ти бил, сигурно верен, кутриот – на сите патувања
Ниту ти можеби, Пенелопо, си го чекала.

Така јас станав Одисеј, а поезијата на Конески мојата Итака. Сѐ уште
пловам кон неа.

***
Нека е проклет часот кога ми кажаа
дека се урива црквата во Небрегово!

Вторите вести на Радио-телевизија Скопје, презентерката ги започна со почетните стихови од песната „Црква“. Со тоа ја извести јавноста дека излегла од печат стихозбирката „Црква“ од Блаже Конески. Тоа беше вест за победа на поезијата. Ништо во тоа време не беше поважно од поетската артикулација на нашата поетска планина.

***
Слаб во видот и во телото, на бастунче потпирајќи се, едвај се искачи на сцената во домот на поезијата „Браќа Миладиновци“ во Струга. Во програмата „Меридијани“, таа година учествуваа повеќе добитници на „Златниот венец“. Меѓу нив беше и турскиот поет Дагларџа.

Мртов е Ѓоре
Се исполни година

Јаболкницата во пустиот му двор
Си шепоти:
„Уште два-три дена прекусила да додржам
Да не цутам
Од жал за него.
После ќе ме наваса пролетта.“

Кога Конески, застанат зад микрофонот и наизуст ја кажа песната „Сеќавање за Ѓорета“, публиката во салата скокна на нозе и го поздрави со френетичен аплауз. Блаже Конески беше ѕвезда. Јас и татко ми, дома покрај телевизорот, заплакавме. Ѕвездата светеше и сјаеше преку малите екрани.

***
Во 1990 година, издавачката куќа „Култура“ во три тома ги објави белетристичките трудови на Блаже Конески. Две години подоцна, во октомври – „Месецот на книгата“, тогашната „Културно-просветна заедница“, во која работев како аниматор на културата, одлучи да организира промоција на изданието на ИК „Култура“.
Конески, преку песната што ја прочита, побара да биде поштеден од понатамошни настапи во јавноста зашто му се ближел часот, според неговите пресметки, за разговор со тревите.
Како и сите други промоции на книги и оваа ја завршивме во меана.
Блаже се пожали на болеста што го измачува, односно, која го спречува да се напие. Заеднички ја замоливме болеста да биде човек, да биде хумана. По молитвата, големиот поет неколкупати наздрави со чаша бело вино.
Но приказната не заврши со затворањето на кафеаната и со отпатувањето на Конески за Скопје. Импресиониран од духовниот вожд, вечерта ја поминав на клупа во паркот. Патував далеку со ѕвездите повторувајќи: Има убавини што не заморуваат. Има височини што не се премостуваат.

Трајче Кацаров, писател