Детскиот културен центар „Карпош“ за време на овие несекојдневни околности го организира интернационалниот фестивал на детската креативност „Трамбулини“, првa манифестација од ваков тип во нашата држава. Целта е преку едукативни и креативни работилници да се развијат креативноста и љубопитноста кај децата.
Она по што е единствен е фактот дека има исклучиво квалитетни детски содржини, интересна програма, всушност ова е место каде што децата можат да уживаат и да се забавуваат благодарение на богатите креативни и едукативни содржини.
Разните активности се вистинско освежување за младите и се случуваат на повеќе локации во градот. Децата учесници ја развиваат својата креативност во повеќе области: ликовна уметност, музика, филм, литература, природни науки, археологија, а тоа значи дека со овој фестивал се опфатени најважните и најкреативните области од културата. Работилниците се реализираат на отворено, но и во простории на јавни институции што се партнери во овој креативен детски фестивал.

Отворањето беше во петокот, во Градскиот парк, на летната сцена „Школка“, каде што децата имаа ексклузивна можност да го бараат изгубеното богатство. Покрај потрагата, имаше и други активности: изработка на фигури од балони, штулари, балерини, катче за боење и изработка на креативни украси, експерименти, пеење песни од зоо-азбука, а публиката можеше да уживаа во прекрасните песни што ги изведоа децата од хорот „Гласот на децата на Скопје“.
Во саботата интересните настани се преселија на плочникот „Слогодром“, во неделата во „Кино дворче“, а во понеделникот децата ги посетија Археолошкиот музеј и Градот на Балтазар во ДКЦ „Карпош“.

Денеска, во 10 часот, е планирана посета на Музејот на современа уметност, а во 18 ч. талентите ќе го покажат својот потенцијал, исто така во ДКЦ „Карпош“. Утре на истото место ќе се одвива активноста „Стоп анимации“, а во 18.30 ч. на просторот пред зградата „Ибни Пајко“ ќе има креативно пишување. В четврток во 11.30 ч. повторно се на ред „Стоп анимации“, а во 19 ч. е закажана средба на плочникот „Нова симфонија“. Последниот ден на фестивалот е во сабота, а малите креативци ќе се сретнат на истото место во 18.30 часот.
Организаторите ветуваат дека се почитуваат сите препораки за одржување растојание и заштита, а редуциран е и бројот на учесниците во работилниците.