На стариот татко, во родното село,
јас, неговото одбегнато дете,
редовно му праќам убави пратки,
полни, бели пакети.
Шеќер во коцки, кафе и брашно,
понекој жилет остар,
секој петок, пред родната куќа,
му носи соседот поштар.
Ни сам не знам зошто и како,
одеднаш бука се крена,
на татко ми не сум му праќал пакети,
речиси месец дена.
Кога еве, поштарот со писмо,
со татковиот ракопис крив:
– Добро сум сине, биди ми и ти,
на твојот татко, здрав и жив.
Само те молам, редовно праќај,
бели пакети, сине мој,
в село се збори, дека си нешто
лут на татко ти твој.
Знам сѐ е скапо, давачки многу,
а се нема ни пари.
Во пакетот не мора ништо да има,
може и стуткани весници стари.
Повторно сега во родното село,
јас, неговото одбегнато дете,
на мојот татко редовно му праќам,
полни, бели пакети.

Љубивое Ршумовиќ
Препев: Наум Попески