Ви претставуваме еден расказ од најновата книга за деца на познатиот македонски писател Славе Ѓорѓо Димоски. Делото носи наслов „А треба да кажам“, а го издаде „ПНВ публикации“ од Скопје. Ова е негова петта книга за најмладите читатели, а претходните се „Алица“, „Кристален сон“, „Збороигри“, „Стихотка“ и „Збороигри 2“

Едно мало русокосо девојче облечено во шарено летно фустанче трчкаше околу широко расцутените цвеќиња во градскиот парк. Фустанчето ѝ се ширеше прелевајќи ги боите низ топлите летни зраци, кои предизвикуваа лелеави воздушни бранчиња, кога наеднаш, на еден широк жолт цвет здогледа една пеперутка со големи крилја претопени во многу бои. Крилјата ѝ стоеjа слепени и исправени, а боите се ширеа и се прелеваа во чудесни шарени бранови.
Девојчето наеднаш застана и својот љубопитен поглед го впери во пеперутката и си помисли: „Како не сум пеперутка, да застанам на оној убав жолт цвет и да ги разлеам шарките низ вселената. Како би изгледал светот во мрежа од бои?“
Една преубава шарена пеперутка застана на еден широк жолт цвет, опиена од убавината на околината ги склопи крилата и среде миризбата сакаше малку да одмори кога во мигот го здогледа девојчето како наеднаш застана и погледот го впери во неа. Во истиот миг пеперутката си помисли: „Како не сум она русокосо девојче, во она лесно шарено фустанче, па да го претворам во прав од разиграни бои, и да го раздувам низ градскиот парк?“

Девојчето уште стоеше збунето од преубавата пеперутка и занесено во своите мисли почувствува како косата ѝ се крева нагоре, ѝ се плете во многу ситни, ситни котелци кои полека се прелеваат во чудесни бои што, на прв поглед, не можат да се опишат. Тоа траеше со мигови што човечкото око тешко може да ги фати.
Додека пеперутката беше занесена во своите мисли во врска со девојчето, почувствува како нејзиното мало главче со мали рокчиња се менува, се зголемува, а дел од разнобојните крилја се претвораат во долги руси коси, кои ѝ се спуштаат до рамењата. Нешто чудно ја вознемири, направи напор да полета, но не успеа.
Девојчето се збуни кога почна телото да ѝ се издолжува, да ѝ станува вретенесто, а на грбот почувствува нешто убаво, мило, нешто како низ порите од кожата да ѝ излегува, нешто како топол воздух што се обликува во форма на крила, проѕирни и тврди.
Пеперутката полека ја менуваше својата форма, се почувствува претешка за преубавиот жолт цвет и – скокна. Се изненади: застана исправена на две нозе, а од остатокот од шарените крилја слушна некаков тивок шум и виде како тие се претворија во едно убаво шарено фустанче, кое лесно се развеа на здивoт од ветрето. Беше збунета.

Девојчето наеднаш почувствува како на грбот нешто лесно ѝ потреперува на студеникавиот здив. Тоа беа проѕирни крилја од пеперутка, кои со неосетна брзина се полнеа со шарен прав, кој обликуваше најфантастични шарки. Девојчето се најде во чудна форма, легнато на тревата. Направи напор, замавна со крилјата и се крена во воздухот.
Пеперутката направи лесен напор и со ножињата зачекори во тревата. Првин тоа ѝ се виде чудно, нестварно, но со следните неколку чекори се ослободи од таа нестварност и потрча по тревата.
Девојчето, сега пеперутка, но уште неискусна во летањето, полета кон еден расцветан трендафил, но мало, ненадејно летно ветре ја занесе и за малку што не удри во стеблото на една липа. Малку се подисплаши, но успеа да го смири летот и направи мал круг во воздухот, поздравувајќи се со други пеперутки што леткаа околу неа.
Пеперутката, сега претворена во девојче, потрча лесно низ тревата од паркот, направи кружни движења уживајќи во лесното виорење на летното шарено фустанче. Русата коса во бранови ѝ се виореше во воздухот.

Девојчето, сега пеперутка, беше занесено во лесното воздушно пливање. Де ќе ги растрепереше крилјата, де ќе ги смиреше и лебдејќи во воздухот ја исполнуваше неописливо задоволство.
Пеперутката, сега девојче, го забрзуваше трчањето, се вртеше развевајќи го шареното фустанче во чадорче, испушташе гласови на среќа и задоволство сè додека не ѝ се заврти во главата и падна во тревата. Чувствуваше како целата околина ѝ се врти во круг.
Девојчето, сега пеперутка, беше во воздухот. Изведуваше различни движења што го исполнуваа со задоволство и среќа. Со замавнување на крилцата ги поздравуваше другите пеперутки и инсекти, сè додека не го забележа широкиот жолт цвет и слета врз него. Ги слепи крилјата во вертикална положба.
Пеперутката, сега девојче, се смири, стана од тревата, го подигна едното, па другото ноже и почна пак да трчка, да го развева фустанчето, сè додека, наеднаш, не застана, љубопитниот поглед го впери во пеперутката и си помисли: „Како не сум пеперутка, да застанам на овој убав жолт цвет и да ги расточам шарките низ вселената.“

Девојчето, сега пеперутка, беше заситено од задоволството во воздухот, па посака малку да здивне. Го забележа убавиот жолт цвет и си помисли: „Каков раскошен цвет за одмор“. Се спушти врз цветот за да одмори во раскошот на неговата миризба, ги склопи крилјата, кога во мигот го здогледа девојчето како со вперен поглед гледа во неа и си помисли…
Се слушна некаков шум и девојчето скокна од креветот, разгледа лево-десно и на прозорецот, на кој стојат саксии со цвеќиња, забележа една преубава шарена пеперутка со стокмени крилја врз главичката на еден жолт цвет.