Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп се подготвува „Басни“, претстава за деца, во режија на Кирил Петрески.

– Во претставата ќе бидат сместени басните на неколкумина автори: творецот или таткото на басната Езоп, потоа Лафонтен, но и на нашиот Марко Цепенков, кој во своите записи од македонското народно творештво има сместено „мали приказни за животни“, како што ги нарекува тој – вели режисерот Кирил Петрески.

Ќе играат Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска-Станкоска, Наташа Наумоска-Ачански, Михајло Миленкоски, Александар Тодески и младата Надица Ѓорѓијоска.

Сценографија и костимите се на Александар Џинго, музиката е на Томе Темелкоски, а според најавите, премиерата на претставата е планирана за крајот на ноември.