Бисерчиња од детските главчиња (5)

Баба Елка го советува тригодишниот внук Дамјан:
– Знаеш, мило, баба работи во училиште. Таму има многу ученици и многу учителки. Кога и ти ќе почнеш да учиш, треба да си добар, умен, културен… – реди баба Елка, а Дамјан внимателно ја слуша.
– Ама, бабо, јас не одам на училиште, уште сум мал!
– Да, душо, мал си, но и малите треба да се добри, умни… Да не ги срамат родителите и бабите – продолжи баба Елка со совети.
Во меѓувреме таа му вели на Дамјан:
– Оди, сине, на масата има една книга, донеси ја.
Дамјан, трчешкум, ја зеде книгата и на баба си ѝ вели:
– Повели, бабо.
Ѝ ја даде книгата и малку постоја пред неа, молчешкум, па рече: – Бабо, нели сум добар и умен! Значи, нема да те срамам пред учениците во „Владо“…
(Малиот Дамјан толку запаметил од називот на училиштето на баба му = се мисли на ООУ „Владо Тасевски“).
– Да мило, умен си – насмеано го пофали баба Елка, го гушна и го бакна.
Коментар: Убав разговор меѓу баба и внук. Браво Дамјан, колку внимателно си ја слушал баба Елка. Навистина си умно дете. Баба ти ќе се гордее со тебе кога ќе учиш во „Владо“.

Автор: Славка Арсова