Драги деца, во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Бонтон за деца“ на познатиот македонски писател Наум Попески, кој исто така неколку години бил и уредник на нашето гласило за најмладите читатели. Бидејќи убавото воспитување се учи од мали нозе, се надеваме дека со овие едукативни текстови ќе ви помогнеме да израснете во умни и внимателни момчиња и девојчиња

По некое непишано правило, децата многу ги сакаат своите баба и дедо. И обратно, исто така. Баба и дедо, послатки од медот! Внучињата со задоволство им помагаат. Ако се постари, на бабата и дедото им е проблем и да појдат да си купат нешто што им е потребно. Затоа, тука е внучето. А често си одат заедно и на прошетка. Се водат за рака по тротоарот, низ паркот, насекаде. И си се честат секогаш по нешто. Особено кога ќе стигне пензијата.
Но, убаво воспитано дете, не им помага само на своите најблиски. Често на пример, минувајќи ја улицата, ќе забележи постар човек, кој ниту добро гледа, ниту добро слуша, ниту добро оди… Нему му треба помош. На таков човек, веднаш треба да му се помогне да ја мине улицата. За детето е тоа задоволство, а за стариот е голема помош.
За таквото дете секој ќе рече дека е убаво воспитано. Кога детето ќе влезе во автобусот, ако има место за постарите, ќе седне и тоа. Ако пак нема место, ќе му отстапи место на постариот што стои. Тоа ,,го знаат и врапците“, но секој така не постапува.