Александар досега има постигнато голем број успеси на белите терени, па затоа не треба да зачудува тоа што за него голем број признаени стручни лица од земјава и од странство тврдат дека се работи за вонсериски тениски талент

ТАЛЕНТИ: Александар Грујиќ, млад спортист

Александар Грујиќ е ученик во шесто одделение во ООУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија, а негова голема љубов во слободното време е спортот, поточно тенисот. Досега има постигнато голем број успеси на белите терени, па затоа не треба да зачудува тоа што за него голем број признаени стручни лица од земјава и од странство тврдат дека се работи за вонсериски тениски талент.
Деновиве го побаравме Александар и го запрашавме кои се неговите достигнувања во тениската сезона што полека привршува и кои се неговите планови што сака да ги реализира до крајот на годината.
– Неодамна се вратив од одмор, кој, искрено, многу ми годеше, а сега ме очекува нова учебна година, но и учество на уште три тениски турнири во Македонија, два во Скопје и еден во Куманово. Можам да кажам дека сум сосема задоволен од она што го постигнав оваа година. И покрај рестриктивните мерки поради ковид-пандемијата и помалиот број турнири, учествував на неколку од нив и постигнав солидни резултати. Така, во март го освоив првото место за играчи до 12 години на првенството на Македонија во Скопје, на терените на ТК Југ, во мај бев втор на отвореното првенство, исто така во Скопје, во јуни бев трет во Кавадарци, на првенството што го организира ТК Црна Река. Месецот јули ми донесе среќа, бидејќи надмоќно победив на тениското првенство во Неготино – ни рече Александар.

Исто така, тој во април учествуваше на Европското тениско првенство за млади до 12 години во Тирана, Албанија.
– Стигнав до четврт-финалето, но морав да го напуштам турнирот поради актуелната пандемија. Многу ми е драго што оваа година успеав да влезам во тениската репрезентација на Македонија до 12 години, што за мене е голем личен успех – вели ова талентирано момче.
Младиот тенисер ни откри и дел од плановите.
– Имам намера да учествувам на Државното првенство, кое од 11 до 13 септември ќе се одржи во Скопје, во организација на ТА Аеродром, и тука ќе атакувам на првото место. Последните два турнира на кои ќе настапам ќе бидат во Куманово и во Скопје, каде што очекувам освојување на првите места. Она што е моја и желба на мојот тренер, татко ми Љубиша, е крајот на сезоната да го дочекам на првата позиција на ранг-листата на Македонската тениска федерација на тенисери до 12 години, што ќе претставува круна на мојата годинешна тениска сезона – ни рече тој.
Им посакуваме на Александар и на неговиот тренер, татко му Љубиша, она што го планирале, и да го остварат, не само на нивна радост туку и на задоволство на сите љубители на тениската игра и на стручњаците, кои во Александар гледаат тенисер што во иднина ќе постигне големи достигнувања на тениските турнири во светот.

Љубчо Алексовски