Креативно катче

Познатата македонска пејачка Андријана Јаневска периодов, како и повеќето родители, заедно со сопругот Гино, го минува времето со своите синови Димитар и Кристијан и секојдневно се труди со некоја креативна активност да ја поттикне нивната фантазија, но и љубопитство. Со тоа истовремено кај нив ги развива концентрацијата и упорноста, но и ги охрабрува слободно да се изразуваат и да ги манифестираат своите вештини.

– Јас секогаш барам нешто позитивно во секоја животна ситуација, па така е и овој пат. Епидемијата на коронавирусот нѐ натера малку да забавиме и да се посветиме повеќе на домот и на нашето семејство. Деновите во изолација, всушност, добро ми дојдоа. Одморив од секојдневните обврски и притисоци, а со децата сум 24 часа. Гледаме цртани, боиме, учиме, готвиме, играме шах и други друштвени игри – вели таа.

Андријана ни даде и убав пример, кој може да го искористат и другите родители, како да учат и да се забавуваат со децата во кујна.
– Со оглед на тоа што сите домаќинки имаат брашно, со малку вода и сол, дечињата може да замесат тесто, кое ќе го обликуваат по сопствена желба. Потоа, се пече и се добива фигура што може да служи како украс. Ние направивме таков украс од тесто со рачето на Димитар – ни откри Андријана.

Со Кристијан, пак, во дождливите денови што поминаа, направиле облаче од памук, на кое закачиле мали снегулки.

– Кога го довршивме облачето со сламка и хартиена чинија, направивме чадорче. Ни беа потребни и малку волница и лепило и, се разбира, желба сето тоа убаво да го обликуваме. На крајот сите бевме среќни поради тоа што времето што деновиве го имаме во изобилство го минавме квалитетно. Затоа на сите родители им препорачувам исто така креативно да го поминуваат времето со децата, заеднички да креираат разни нешта, бидејќи на тој начин тие истовремено учат, но и стекнуваат разни вештини – ни реча Андријана Јаневска.