Алина денес и на шест години, кога почна да другарува со Маша

Кога ја снимив последната епизода, многу плачев, емоциите ме совладаа, бидејќи
морав да се збогувам со Маша, вели Алина

Кое е девојчето што со својот глас, но и појава, на шестгодишна возраст ја оживеа хероината на еден од најпопуларните анимирани филмови на денешнината „Маша и Медо“, кој допре до срцата на милиони деца на планетата.
Станува збор за Алина Кукушкина (18), која ја нахсинхронизирала Маша во студио, на која и физички личела и, според режисерот Олег Кузовков, била вистинскиот избор за оваа улога. Таа пеела, глумела, карактеристично се смеела. Но кога станала тинејџерка, ѝ се сменил гласот, па морала да се раздели од Маша.

Интересно е дека во Русија, каде и да одела, ја препознавале по гласот, но Алина не се вообразила поради својата голема популарност. Сепак, по ова свое интересно искуство како дете, посакала глумата да ѝ биде професија.
– Како дете, мојот омилен цртан филм беше „Ну зајц, пагади“, а ги сакав и авантурите на „Том и Џери“. Како и сите деца, растев со моите омилени играчки, кадифени мечиња, кукли, кои одамна се сместени во картонски кутии. Во 2009 година, на телевизиските екрани во Русија анимираната серија „Маша и Медо“ многу брзо ги освои гледачите, и тоа не само децата туку и возрасните. Мислам дека немаше дом во земјата каде што не се слушаше карактеристичната смеа на темпераментната Маша, на која јас ѝ посветив 10 години од мојот живот, а на аудицијата во 2007 година отидов со мајка ми Ирина – се сеќава Алина Кукушкина.

За неа сѐ што ѝ се случувало во тој период било голема авантура. Се разбира, не без тешкотии, особено во адолесценцијата.
– Понекогаш, доаѓав во студиото во ужасно расположение, но веднаш штом ќе застанев пред микрофонот, сè се менуваше и се чувствував одлично. Имаше некоја магија во сѐе што правевме. На крајот излезе дека јас ѝ помогнав на Маша, но и таа ми помогна мене – раскажува Алина.
Таа ѝ го позајмуваше гласот на Маша од 2007 до 2015 година, кога две години ѝ даваше инструкции на новата актерка Барбара, која ја наследи.
– Со текот на годините, мојот глас стана посилен. Морав да вложам напори да го задржам звукот ист. Сфатив дека ова веќе не е Маша, а потоа решија: време е моето место да го заземе ново девојче. Но директорите не ме пуштија толку лесно да си заминам, па останав да помагам со инструкции, но и во снимањето на преводот на анимираната серија во Хрватска и во Србија.

– Кога ја снимив последната епизода, многу плачев, емоциите ме совладаа, бидејќи морав да се збогувам со Маша. Дури и сега, кога ја гледам оваа епизода, солзите сами течат. Ми недостигаат Маша и сите обврски – вели таа.
Алина признава дека огромниот успех на анимираната серија не ѝ го сменил живот.
– Многу новинари ме прашуваа како влијаеше популарноста на Маша врз моите односи со соучениците, но, искрено, ништо не се смени со мене, освен тоа што многу патував и давав интервјуа. Пет години бев водителка на фестивал за анимација во Могилев, па одевме и на светски турнеи со претставата „Маша и Медо“. Сепак, можам да кажам дека имав нормално детство, полно со дружење со пријателите – се сеќава Алина.
Со првите пари што ги заработила таа си купила милениче, американски кокер шпаниел, кој сега има 10 години.

Алина била дел и од други проекти, имала улога во филмот „Куќата на соништата“, го позајмувала гласот во неколку цртани филмови. Таа земала и часови по глума, но само три месеци.
– Не ми се допадна. Дури и сега, многу луѓе мислат дека ќе станам актерка, но не е така. За време на мојата работа, сфатив дека оваа професија е многу непредвидлива. Затоа си помислив ако не го играм со лицето, ќе играм со мојот глас. За среќа, имам добро искуство со ова. Можеби во иднина ќе станам најавувачка, водителка или нешто сосема трето. Сега ми е најважно да се запишам на универзитет и да дипломирам – вели Алина.