Љубовта ги обединува сите!

25

Идејата за манифестацијата се роди пред седум години, за да направиме нешто што ќе ги афирмира и овие млади со попреченост, а на сите ќе ни покаже и докаже како со добри и искрени намери може да се стигне до секое детско срце, вели Виолета Сековска

Талентирани деца и млади, со и без попреченост, заедно со своите ментори, беа дел од седмото издание на хуманитарната манифестација „Од децата за децата“, која во саботата се одржа во киносалата на Кинотеката на Македонија.
– Драго ми е што од година на година има сѐ поголем интерес за нашата манифестација, која ја подготвуваме јас и професорката Виолета Ачковска, како членки на здружението „Македонски вознес“. Идејата за неа се роди пред седум години, за да направиме нешто што ќе ги афирмира и овие млади со попреченост, а на сите ќе ни покаже и докаже како со добри и искрени намери може да се стигне до секое детско срце. Фестивалот е посебен и по тоа што за влез треба да се донесе училиштен прибор, кој потоа се носи во разни дневни центри каде што престојуваат младите со тешкотии во развојот, во Скопје и во други градови во земјава – вели поетесата Виолета Сековска, еден од иницијаторите и организаторите на манифестацијата.

Во саботата напладне, на сцената присутните можеа да проследат многу изведби на талентирани ученици, кои беа наградени со бурно ракоплескање. Тука беа и Дедо Мраз (Војче Китаноски) и магионичарот Бенито, кој со своите точки ги одушеви децата
– Прекрасни настапи имаа и: Аљдин Мурати, Илина и Јована, Ева Малин,
Лила Тосевска, учениците од ОУ „Блаже Конески“, со менторката Јадранка Клисарова, од ОУ „Живко Брајковски“, чија менторка е Лилјана Атанасова, Марко Станчевски, со менторката Слаѓана Чекичевска, ансамблот „Јонче Христовски“, децата од дневниот дом „Трисомија“… На сите од срце им благодарам што веќе станаа дел од оваа традиција – ни рече Сековска.

Наставничката Јадранка Клисарова, чии првачиња ја отворија манифестацијата, по шести пат е дел од овој хуманитарен настан.

– Моите ученици со голема радост дека прават нешто добро и убаво дојдоа тука денеска. Децата играа, пееја и танцуваа за своите другарчиња. Нашите балерини-снегулки беа вистинска најава за претстојните новогодишни празници, Никола и Матеј рецитира стихови за Нова година и за Дедо Мраз. Заедно ги почувствувавме мирисот на љубовта и убавината на виножитото. Овој е фестивал каде што нема граници, сите сме еднакви, исто се радуваме и среќа споделуваме. За секоја мајка детето е посебно. Се разбира, го донесовме и нашиот подарок, училиштен прибор, кој се надеваме ќе отиде во вистински раце – ни рече наставничката Клисарова.

И навистина прекрасно е да даваш љубов, која, како што се покажа и овој пат, ги обединува сите.

– Јас знам дека „Македонски вознес“ е само едно тивко ветре, но сепак лисјата на гранките треперат, некои и одѕвонуваат како кедри… ете, на тоа треперење се надевавме кога со професорката Ачковска го почнавме сето ова. Понекогаш тешко оди, но нема откажување. Овие деца се огледало на општеството, за тоа колку за нив се грижи заедницата, колку се тие важни и колку им се посветува внимание. Затоа ветувам дека и во иднина ќе се трудиме радост да споделиме и срца да облагородиме, со љубов и со добрина – порачува Виолета Сековска.