Шумата на помош нѐ викна!

83
Илустрација: Кристијан Јованоски

Филип Димкоски

Другарчиња драги,
во новата рубрика „Екокатче со Вики и со Влатче“ ќе ги запознаете нашите херои што ја чуваат природата, тие се природољупци – љубов на природата ѝ даруваат. Згоди и незгоди им се случуваат, но од својата екомисија не се
откажуваат учат, се забавуваат, другаруваат

Денес училиштето на Вики и на Влатче организира есенска екскурзија за учениците од петто до деветто одделение. Директорот предложи да се оди на планина. Ќе одат на планината, која од едната страна го оградува нивниот град.
„Супееер – екскурзијаaa… – таман пред да почнат првите тестови и испрашувањата“, воскликнаа сите деца.

Стигнаа на една чистинка погодна за одмор, наставниците дадоa знак дека на тоа место ќе престојуваат, а децата веднаш како мравки си ги распослаа насекаде своите ќебенца и ги отворија своите ранчиња. Одекна детскиот џагор низ планината. Учениците од ова училиште веќе знаат дека сите празни пакувања од чоколатцата, смоките и од сокчињата треба да се соберат во ќеси и да се фрлат во кантите и контејнерите крај местата за излет или, пак, ако ги нема треба да ги земат со себе додека не најдат соодветно место.

Есенското сонце некогаш може да биде и многу силно. На Вики ѝ стана топло.
– Ајде да отидеме да побараме некоја сенка – му рече Вики на Влатче.
– Ајде – се согласи Влатче.
– Но види, тука има пресечено дрво.
– Еј, гледај ене и онде.
– Аууу… тажно, колку многу дрвја се исечени. Обесправени.
– Неправедно некои несовесни луѓе им ги одзеле животите.
– Ако продолжи ова планината ќе остане без дрвја…
– Големите дрвја ќе бидат уништени, а младите додека пораснат им треба многу време.
– Ќе останеме без кислород, кој лисјата го произведуваат. Без него – нема живот. – А има и еден друг многу страшен проблем.

– Дрвјата ја штитат почвата. Тие ја спасуваат да не се разнесе кога има силни ветрови и обилни дождови.
– А вака, без дрвја ќе настанат свлечишта. Ќе нема кој да ја задржи почвата, а свлечиштата можат да ги уништат градбите што се во подножјето на планината…
– Страдаат и сите диви животни на планината и сите птици… Тоа е катастрофално за сите.
Така загрижени и внесени во муабетот, Вики и Влатче не забележаа дека околу нив се собрале речиси сите нивни соученици и наставниците, кои беа присутни на екскурзијата…
– Вие одржавте прекрасен час во природа – рече наставничката по биологија. И грмна силен аплауз.

Сите научија дека за да се заштити земјиштето од ерозија мора да се вршат пошумувања и да се заштитуваат веќе израснатите дрвја. Затоа учениците и наставниците се договорија следниот ден да имаат разговор во училиштето на оваа тема и да реагираат таму каде што треба за да се спречи бесправното сечење на шумите.

Нема да им биде лесно на големите чичковци оти нашите екохерои знаат сѐ и знаат да реагираат за она што не е добро и не е праведно, за она што ѝ нанесува штета на околината и на сите што живеат во неа, на луѓето, растенијата и на животните.
Пред да се поздрават со планината, учениците ги изронија остатоците од храната и ги оставија за да ги нахранат птиците, кои оваа есен и зима ќе останат во шумата чекајќи да се вратат од југ нивните пријатели птиците преселници.


Што е ерозија?

Ерозија е распаѓање на почвата под дејство на водата и ветерот.
Што е свлечиште?
Место каде што настанува свлекување односно лизгање на земјиштето. Тоа настанува на планините и на ридовите што не се пошумени.


ЕКОКАЛЕНДАР

1-7 октомври – Светска недела на дивите животни
4 октомври – Ден за заштита на животните
11 октомври – Меѓународен ден за намалување на природните катастрофи
Третиот викенд на октомври – Ден за хранење на птиците
31 октомври – Ден на Црно Море