Што ќе се случи доколку некој ја украде магијата на божиќниот дух?

222

Топлината што ја чувствуваат луѓето во своите срца и ја споделуваат со сите околу нив е всушност тој божиќен дух. Затоа сакам да ги потсетам родителите, односно возрасните, дека и тие некогаш биле деца и верувале во Дедо Мраз, вели Микица Илова

Новогодишната претстава за деца во Кавадарци: „Кој е вистинскиот Дедо Мраз“

Што ќе се случи доколку некој ги украде божиќниот дух и радоста на празнувањето? Се разбира, целосна катастрофа, едни со други сите ќе се караат, надмудруваат, ќе си завидуваат, а насмевките, радоста и празничната возбуда ќе исчезнат од детските лица. Тогаш може да се случи да се јави сомнеж за тоа кој е вистинскиот Дедо Мраз, каков треба да биде, дали слаб или дебел, со долга или кратка бела брада или, пак, со очила или без очила. Одговор на ова прашање може да извлече самата публика доколку ја гледа премиерата на новогодишната претстава за деца „Кој е вистинскиот Дедо Мраз“ на сцената на домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, во режија на Микица Илова.

Таа е и авторка на текстот за оваа новогодишна претстава, во која главните улоги им се отстапени на учениците: Смиља Бошкова, Розе Милкова, Стефанија Јованова, Сашко Орешков, Стојанче Вангелов, Валериа Пашова, Јована Секуловска, Александар Стојанов, Мартин Гогов и Антонија Тасева, заедно со неколку професионални актери од кавадаречкиот театар.

– Божиќната еуфорија секогаш е многу примамлива како тематика, особено во ова време на презафатеност и немање доволно слободно време и на децата и на нивните родители. Затоа сметав дека ќе биде убаво да се погледне ваква детска претстава, која ќе ве врати во најубавото време, а тоа е детството. Инспирација за драмскиот текст, освен претстојните празници, ми беа и детскиот филм „Замрзнатото кралство“ и ликот на Фроузен. Идејата да се постави на репертоарот ваква претстава беше голем предизвик за мене, затоа што пораката е присутна во сите реплики на јунаците.

Тргнувајќи од семејството, љубовта и домот, сакам на децата да им покажам колку е важно божиќниот дух да се чувствува во секој дом – вели Микица Илова.
За неа љубовта е обединувачкиот сегмент за време на сите празници, па и за претстојните новогодишни и божиќни празнувања.

– Топлината што ја чувствуваат луѓето во своите срца и ја споделуваат со сите околу нив е всушност тој божиќен дух. Затоа сакам да ги потсетам родителите, односно возрасните, дека и тие некогаш биле деца и верувале во Дедо Мраз. Во претставата има двајца дедомразовци за да ги збунам децата, но со можност тие да го одберат вистинскиот. Улогите на дедомразовците ги презедоа мои искусни колеги актери, а јас ја толкувам улогата на Баба Мразица, кој е презафатена со снимање новогодишна реклама за пијалак, но сепак е подготвена да ја реши дилемата кој е вистинскиот Дедо Мраз – објаснува Илова.

Таа на децата им посакува да не престанат да веруваат во Дедо Мраз, затоа што магијата е секогаш присутна во малите но „големи“ нешта.


Дедо Мраз

Ветер дува, снежец роси
-надвор сѐ е бело…
Дедо Мраз – дарој носи,
за децата в град и в село!

Чоколади, кукли, топки –
во торбата носи сешто,
и за Миле, и за Лиле –
за секој по нешто!

Нека носи, така треба,
таков си е редот,
Не попусто велат дека –
тој е најдарежлив дедо!

Декември

Дедо и внуче,
крај прозорот си седат,
ѕиркаат кон дворот
и разговор си редат….

– Слушни, гледај дедо –
надвор, дува, снежи…
Чиниш некој од снегулки –
плете бели мрежи?

– Декември е тоа внучко,
зарем ти не знаеш?
Ни доаѓа Баба Зима –
тој за неа – килим ткае!

Киро Донев