„Чудна шума“ од книжевни, едукативни и забавни содржини

55

Идејата зад ова е-списание е да понудиме бесплатни содржини за читање, не само сега, во периодот кога децата се затворени дома, туку и понатаму. Сакаме да креираме една дигитална библиотека во која партиципираат некои од најдобрите имиња на македонската книжевна сцена и некои од најдобрите илустратори за деца, вели Билјана Црвенковска

Прво бесплатно електронско списание за деца кај нас

Неодамна малата независна издавачка куќа „Чудна шума“, со која раководат писателката Билјана С. Црвенковска и фотографот и креативен директор Кире Галевски, почна со издавање на првото бесплатно електронско списание за деца во Македонија – Чудна шума (www.cudnasuma.com). Фокусирани се пред сѐ на литературата за деца и млади на домашни автори. Списанието засега функционира комплетно ентузијастички, без никаква финансиска поддршка, а секојдневно се пласираат книжевни, забавни и едукативни содржини за децата.

– Електронското списание за деца „Чудна шума“ е прво и единствено бесплатно списание за деца во Македонија што нуди и книжевни и забавни и едукативни содржини (она што веќе постои кај нас се претежно едукативни платформи, или, пак, портали што се наменети за родителите, а не за децата). Идејата зад ова е-списание е да понудиме бесплатни содржини за читање, не само сега, во периодот кога децата се затворени дома, туку и понатаму, да креираме една мала дигитална библиотека во која партиципираат некои од најдобрите имиња на македонската книжевна сцена и некои од најдобрите илустратори за деца – ни рече Билјана Црвенковска.
Таа верува дека списанието дојде во вистинското време, како медиум што им е близок на денешните деца, во време кога и купувањето на книгите е отежнато од повеќе причини: достапност само преку онлајн-продажба, економска нестабилност…

– Она што нѐ охрабрува да продолжиме се секојдневните позитивни коментари што ги добиваме на социјалните мрежи, огромниот одѕив на колегите писатели, кои безрезервно се вклучија во проектот, а и бројките – само за две недели (од првата објавена содржина за деца, до денеска), Чудна шума ја посетија над 5.000 посетители, со над 1.500 прегледи дневно. И ова е само почеток, бидејќи подготвуваме уште многу други интересни содржини. Се надеваме дека оваа наша заложба и напор во ова време ќе бидат препознаени од институциите и дека списанието ќе добие и посериозна финансиска поддршка – посочува Црвенковска.
За „Чудна шума“ пишуваат познати македонски писатели од помладата, но и од постарата генерација. Се објавуваат песни и раскази на: Ванчо Полазаревски, Петар Андоновски, Владимир Лукаш, Ана Голејшка Џикова, Николина Андова Шопова, Калина Малеска, Лидија Димковска, Славе Ѓорго Димоски, Мерсиха Исмајлоска, Живко Гроздановски, Владимир Мартиновски, Румена Бужаровска, Александра Симова, Мира Смаќоска Танеска…

– Ни се приклучија и одлични илустратори: Наталиа Лукомска, Катерина Николовска, Ване Костуранов, Наташа Костовска, Сања Симоска, Доротеј Нешовски, Љубиша Камењаров, Ирина Атанаскова-Ина, Емилија Мишева, Јана Јакимовска…, како и стручни соработници за едукативните содржини во областа на природните науки, како Кирил Арсовски-Пржо. Планираме и проширување со соработници во други области.
Се надеваме само дека ќе бидат препознаени овој напор и залагање на децата да им го направиме позабавен и полесен престојот дома – вели Црвенковска.
Драги деца, содржините на интернет-страницата Чудна шума можете да ги најдете на следната адреса: https://chudnashuma.wordpress.com.


Два вируса

Се сретнале
вирусот лав
и вирусот страв.
Со очи си трепнале.

Се накострешил
вирусот лав.
Со понизност возвратил
вирусот страв:

– Готов си!
Ревнал вирусот лав:
– Се стопив.
Се тишти вирусот страв.

Надалеку реве
вирусот лав.
Во тешка мака се топи
вирусот страв

сè додека
од овој сон
не ме разбуди
непознат ѕвон.

Славе Ѓорѓо Димоски

Себичната крава

На дрво се качи себичната крава
за цреши да јаде. Без ништо да дава.
Помина зајко во шумската сенка
кога в око го удри
од црешите семка.
О, како го фрасна! Ко фати да пече!
Но се прибра тој брзо
и мирно ѝ рече:
„Што правите качена таму, о мадам?“
„Си седам јас сама и цреши си јадам.“
„Ама цреша ова не е. Ова е бука.“
„Си носам во канче“
му рече и плукна.

Румена Бужаровска

Клукчо

Шарениот клукајдрвец
е вистински стрвец!
Урива дрвја како дабар,
но не му треба забар.

Си има клунче силно,
иглесто, остро, шилно
и со него дупки прави
на стеблата здрави.

„Клукчо, птиче, полека!“
– сонливо мечето лелека;
„Да поспијам уште еден час
и потоа чукај на сет глас“.

Владимир Лукаш


Гатанки чудни за деца будни

1.
Цистерна бела,
полна со вода,
по небо плови,
од утро до мрак.
Се вика…

2.
Во Африка на секој чекор,
од страв се ежам,
во град, насред пат,
со моиве црно-бели
ребра лежам.

3.
Со куќарче,
што на грб
го носам смело,
шетам везден,
низ град и село.

4.
Предам без предиво,
мустаќ имам,
не сум дедо.
Многу сакам млеко,
како се викам
знае секој.

5.
Знае и голем и мал,
немам круна, а
на животни сум крал.
Од никој не ми е страв,
затоа што сум…

Ванчо Полазаревски