Чувањето на здравјето е првата животна и етичка задача на личноста!

227

проф. д-р Кирил Темков

Најважното во животот, едно од најпосакуваните нешта, е здравјето. Без оглед што некој сака и кон што се стреми, не смее да заборави дека здравјето е неопходно. Тоа е услов за остварување на човековите можности, извор на неговите сили, поттик за негово добро чувство и расположба.
Со зборовите „здравје“, „здраво“ се означува дека нешто не е болно, дека не е повредено. Тие зборови имаат морално значење. Здрави се оние елементи од животот и дејствувањето што се позитивни, разумни, правилни, трезвени, што имаат етичка исправност.

Доброто здравје се однесува на правилното функционирање на човековото тело, на неговите органи и на неговата психа. Тоа се: општата добра состојба на телото, доброто дишење, добриот крвоток, варењето на храната и циркулација на материите, силината на коските и исправната состојба на другите органи за движење, развиеноста на сетилата и нивно правилно функционирање, правилното мислење и доброто помнење. Тука спаѓаат и немањето хронични и акутни болести, стабилната психичка состојба и душевното спокојство, добриот сон, немањето зависности и заразни болести, живеењето во хигиенски услови и во здрава природна средина.
Најзначајниот дел на сета животна етика е токму здравствената. Таа ѝ посочува на личноста дека треба да се интересира за функционирањето на телото и на психата.

Таа треба да им посвети внимание на условите што зависат од човекот за да се обезбеди добро живеење и непречено функционирање на телото и душата.
Незаобиколна е и улогата на самата личност во чувањето и подобрувањето на своето здравје. Основно е сознанието дека здравјето може да се чува и да се развива и оти тоа е првата животна и етичка задача на личноста.

Еден млад човек треба редовно да јаде и да се одмора, да внимава да не се повреди, умерено да постапува во секој поглед. Да води сметка за можните последици од лошите дејства. Треба да се занимава со спорт и да има други физички активности (движење, помагање дома, редовни неделни прошетки…). Треба да ги послуша поискусните и лекарот, кога ќе му посочат некоја обврска во врска со здравјето.
Има и етички норми што се однесуваат на заштита на здравјето, а тие гласат: „Чувај го здравјето!, не прави ништо што го повредува здравјето!, грижи се за здравјето на блискиот!, јади добро и умерено!, занимавај се со спорт!“

Етичка мисла:
Здравиот човек има стотина желби, а болниот само една – да биде здрав.
Народна поговорка